Милан претрпе тежок пораз во натпреварот од 32-то коло од Серија А против Удинезе со 0:3, а публиката на Сан Сиро ги исвирка „росонерите“ на полувремето, кое заврши со водство од два гола во корист на значително послабите гости.
Шефот на тренерскиот штаб на поразениот тим, Масимилијано Алегри, неуспешно експериментираше со формација 4-3-3 во екот на борбата за титулата, но 58-годишниот стручњак смета дека необичната одлука не е причина за новиот пораз на Милан.
„Промената на формацијата нема апсолутно никаква врска со тоа. Ова е тежок момент за тимот. Изгубивме три од последните четири натпревари. Во втората половина од сезоната не постигнавме гол четири пати. Ако сте меѓу првите четири (тимови на табелата), четири натпревари без гол не е добрa работа“, објасни Алегри во интервју за DAZN.
Алегри продолжи за важноста на организацијата во одбраната, наведувајќи дека е важна бидејќи е сосема реално Милан да игра во Лигата на шампионите следната сезона по сезона без учество во европските натпреварувања.
„Фудбалот е прекрасен, но и суров. Не смеете да си дозволите да бидете обесхрабрени, но мора да воспоставите ред во играта. Во одбраната бевме премногу брзоплети во крадењето на топката, бевме премногу бавни во нејзиното движење. Кога успеавме да ја отвориме играта, дури имавме и добри шанси. Кога не успеавме, се лизнавме, ја изгубивме топката, а тие се вратија. Удинезе е тим кој може да наштети кога топката е изгубена во средината“, објасни Алегри.
Алегри нагласува дека резултатот е единствената мерка за квалитет.
„Денес нè исвиркаа и тоа беше фер. Тимот не направи ништо погрешно. Сега можеме само да работиме напорно и смирено на подготовките за натпреварот против Верона. Пред сè, треба да го гледаме овој пораз како можност да се справиме подобро во следниот натпревар“, додаде Алегри, признавајќи дека неговите играчи капитулирале пред Удинезе.
Кога новинарите го прашаа дали формата на играчите опаднала по поразот во Неапол и кога сфатиле дека титулата е недостижна, тој одговори потврдно.
„Кога сте на врвот во последната фаза од сезоната и ја губите (шансата за) таа цел, има момент на опуштање. Сепак, со овој пораз ја ризикуваме нашата позиција за Лигата на шампионите“, предупреди Алегри.
За крај – дали Рафаел Леао ги игра своите последни натпревари во црно-црвениот дрес?
„Во првото полувреме имаше две важни шанси како централен напаѓач. Кога просторот е тесен, потешко му е бидејќи е тешко кога го чуваат двајца. Не е прашање на Рафа или на некој друг, туку на тоа да се понудат различни игри и трпение во одбраната“, изјави Алегри и не ја откри судбината на португалскиот крилен напаѓач.
Фудбалерите на Милан продолжуваат да се борат за местата што водат до Лигата на шампионите а селдниот меч е против Верона, на 19 април во 15 часот.


