По Луис Енрике, тренерот на Арсенал, Микел Артета, седна пред прес-конференцијата во Будимпешта, нагласувајќи дека неговиот тим не дошол во унгарската престолнина за искуство, туку за трофејот во финалето на Лигата на шампионите, кое ќе се игра во сабота во 18 часот.
„Парижаните се европски шампиони и заслужуваат секаква почит, но ние сме тука да им го земеме трофејот. Не доаѓаме да учествуваме во спектаклот, туку да го освоиме“, рече Баскиецот во воведот, дефинирајќи ја менталната состојба во соблекувалната на „топџиите“.
Титулата во англиското првенство, прва по долго чекање, според Артета, не смее да го промени гардот со кој Арсенал влегува во ова европско финале.
„Освојувањето на Премиер лигата беше неверојатно, но тоа не го менува начинот на кој пристапуваме кон овој натпревар. Мора да го одржиме стандардот што си го поставивме на најголемата сцена во Европа“, рече тој, според Би-Би-Си.
„Знаеме кои сме, што правиме секој ден и каков тим сме изградиле. Ако сме на нашето ниво, можеме да победиме секого.“
Зборувајќи за ПСЖ, Артета отворено призна дека се соочува со еден од најсилните офанзивни тимови во фудбалот денес.
„Играме против можеби најопасниот напад во фудбалот. Се подготвивме за нивните индивидуални квалитети, но и за начинот на кој сакаат да доминираат. Тоа ќе биде натпревар на моменти, мали детали и организација“, нагласи тренерот на Арсенал, сведувајќи го финалето на битка за секој метар од теренот.
Се појави и темата за пеналите, но Артета не сакаше дискусијата да се сведе на оваа таканаречена „лотарија“.
„Свесни сме дека финалето лесно може да заврши со пенали. Работевме на тоа сценарио, но за мене клучно е како ќе играме 90 или 120 минути пред тоа“, нагласи тој, јасно фокусирајќи се на контролирање на играта во „нормално“ време.
Најемотивниот дел од прес-конференцијата дојде кога Артета зборуваше за навивачите и историската можност што се отвора за Арсенал.
„Знаеме колку ова значи за нашите навивачи. Овој клуб никогаш не ја освоил Лигата на шампионите и имаме можност да напишеме страница од историјата. Сакаме тие да се чувствуваат горди утре вечер поради начинот на кој се бориме за Арсенал“, рече тој.
На крајот, Артета уште еднаш ја нагласи својата вера во групата што ја изгради во последните години.
„Овој тим веќе направи многу за клубот, но верувам дека сè уште има место во него. Ова финале е одлична можност да направиме нешто што никогаш не сме го направиле. Од нас зависи да останеме верни на себе и храбри во секое време“, рече тој пред да зачекори на најголемата сцена од својата тренерска кариера.


