Фудбалерите на Тотенхем влегоа во завршницата на Премиер лигата со императив за опстанок, и покрај победата над Вулверхемптон, прва во 2026 година, лондонскиот тим е сè уште „под линијата“. На четири кола до крајот, тие се два бода зад Вест Хем и имаат тежок распоред пред себе.
Пред натпреварот на гости против Астон Вила, тренерот Роберто Де Зерби го префрли фокусот на психолошкиот аспект на борбата за опстанок.
„Најважниот предизвик сега е да се замолчи гласот во нас, во играчите, во тренерскиот персонал и меѓу навивачите. Тој глас создава негативни мисли и вели дека немаме среќа, дека имаме премногу повреди… Мислам дека сето тоа е негативно и бесмислено“, изјави Роберто Де Зерби.
И покрај лошата позиција на табелата, Де Зерби вели дека трката за опстанок не е завршена.
„Како сите да плачеме и веќе да сме испаднале од лигата. Не, сè уште не сме. Мораме да „умреме“ на теренот. Ова не е најдобриот момент за нас, тежок период е, но губитниците плачат, размислуваат негативно и не сакам луѓе околу мене кои плачат или размислуваат поинаку од мене“, порача тој.
Дополнителен проблем за лондонскиот клуб се бројните отсуства. Чави Симонс ја заврши сезоната поради повреда на коленото, додека Доминик Соланке, голманот Гуљелмо Викарио, како и неколку други стандардни играчи од првиот тим се исто така „аут“. Сепак, Де Зерби не се откажува од својата амбиција да го изненади својот тим во следните натпревари:
„Играме против еден од најдобрите тимови во Премиер лигата во моментов, но ако Тотенхем победи на Вила Парк, тоа нема да биде чудо“.
Тој има посебни очекувања од Џејмс Медисон, кој се враќа од повреда:
„Би сакал да можам да сметам на Медисон бидејќи тој е посебен играч… Мислам дека може да биде важен во следните три натпревари“.


