Поранешниот репрезентативец на фудбалската репрезентација на Македонија, Љупчо Марковски – Калц во разговор за „Контра“ ги анализираше состојбите во репрезентацијата под водство на Гоце Седлоски.
Актуелниот селектор, кој се соочува со критики од сите страни, досега го водеше тимот на девет натпревари, без ниту една победа, седум порази и само еден постигнат гол.
Екс фудбалерот на Вардар не се согласува со тезата дека сè било запуштено и дека „сега почнуваме од нула“.
– Пред само една година Македонија играше бараж за Светското првенство, по натпреварот со Данска. Ако денес велиме дека немало играчи и дека сè било распаднато, тогаш на претходниот селектор треба да му подигнеме споменик затоа што со такви услови стигнал до баражот, вели Марковски.
Вели и дека сме се довеле во ситуација да правиме еуфорија затоа што сме постигнале еден гол.
– Тоа е страшно. Почнавме да се радуваме на нешто што треба да биде нормално. Дали сега, ако ја победиме Словенија, ќе излеземе на плоштад да славиме? Тоа покажува колку ниско сме ги поставиле очекувањата, порача популарниот Калц во интервјуто.
Како ја оценувате актуелната состојба во македонската фудбалска репрезентација по серијата лоши резултати?
– Резултатите навистина се повеќе од страшни. Секоја власт во Фудбалската федерација има свои критериуми и правила, но во овој момент тешко дека може да се најде оправдување за она што го гледаме, особено кај сениорската репрезентација.
Овие резултати заслужуваат најмалку критика, но и конкретна реакција. Потребни се промени што ќе го подигнат македонскиот фудбал на повисоко ниво. Не можеме да се однесуваме како да играме во некоја пресилна европска конкуренција, каде што Словенија и Шкотска се непремостливи пречки. Со тие репрезентации сме играле и сме ги победувале.
Мислам дека недостига реална критика и согледување на состојбите. Тоа не треба да доаѓа само од луѓето во Федерацијата, туку и од медиумите и од сите што се занимаваме со фудбал.
Кој треба да ја преземе одговорноста кога репрезентацијата бележи ваква серија на лоши резултати?
-Во фудбалот резултатите ве држат во игра, но и ве менуваат. Не е секогаш виновен оној што ја составува репрезентацијата, но кога резултатите се катастрофални, тој што го прави изборот на играчи мора да преземе најмалку лична одговорност.
Замислете хирург кој постојано прави операции, а пациентите не преживуваат. Дали тој ќе продолжи да работи како ништо да не се случува или некој над него ќе му каже дека е доста?
Мислам дека Седлоски има огромна поддршка и покрај резултатите, а можеби и во Федерацијата чекаат да заврши последниот натпревар за да видат што понатаму. Но, не станува збор конкретно за Седлоски. Во фудбалот тоа е практика. Тренери заминуваат и по два-три пораза. Нема ништо страшно во тоа, бидејќи не постои тренер што не бил сменет или што нема да биде сменет. Тоа е одлука на луѓето во Федерацијата.
Дали проблемот е само во селекторот или во целокупниот систем на македонскиот фудбал?
-Не се согласувам со тезата дека сè било запуштено и дека сега почнуваме од нула. Пред само една година Македонија играше бараж за Светското првенство, по натпреварот со Данска. Ако денес велиме дека немало играчи и дека сè било распаднато, тогаш на претходниот селектор треба да му подигнеме споменик затоа што со такви услови стигнал до баражот.
Не ми се допаѓа постојаното префрлање на вината на претходниците. Тоа е дел од тренерскиот кодекс – не треба да се зборува лошо за колегите што работеле пред вас. Секој нов селектор доаѓа со своја визија, но мора да се признае дека и претходно имало резултати.
Според мене, проблемот е во начинот на водење на екипата и во изборот на играчите. Можеби селекторот има добри идеи, но во овој момент тие не даваат видливи резултати.
Дали сметате дека постои јасен план за подмладување и создавање конкурентна репрезентација?
-Во репрезентацијата треба да играат најдобрите. Не е важно дали се млади или искусни. Младите фудбалери треба да се развиваат во клубовите и во помладите репрезентативни категории, но во сениорската селекција мора да настапуваат оние што во моментот се најдобри.
Се доведовме во ситуација да правиме еуфорија затоа што сме постигнале еден гол. Тоа е страшно. Почнавме да се радуваме на нешто што треба да биде нормално. Дали сега, ако ја победиме Словенија, ќе излеземе на плоштад да славиме? Тоа покажува колку ниско сме ги поставиле очекувањата.
И претходно сме имале селектори кои најавувале пласман на Европско или Светско првенство. Кога тоа не се случувало, следувале промени, а потоа нови најави и нови ветувања. Не може секогаш кога резултатите се лоши да се повикуваме на подмладување. Репрезентацијата бара резултати. И навивачите го бараат тоа.
Дали ФФМ има стратегија или секој нов селектор почнува од почеток?
-Ми се чини дека секој нов селектор доаѓа со своја филозофија и се однесува како претходно да не било сработено ништо. Тоа е еден од главните проблеми.
Во организираните фудбалски системи постои континуитет. Претходниот селектор остава информации за тоа што е работено, до каде е стигнато, кои се талентите и на кои играчи може да се смета. Кај нас, пак, гледаме дека понекогаш не се смета ниту на поискусни фудбалери кои во своите клубови постигнуваат добри резултати.
Еве, случајот со Миовски е тешко разбирлив. Речиси и да немаше коментари за тоа што не беше во составот. Треба да се постави прашањето дали со него во екипата можеше да се дојде до поповолен резултат против Шкотска.
Потребен е препознатлив концепт на работа, не само во сениорската репрезентација туку и во клубовите и младинските категории. Треба да се направи план за четири или пет години и сите селекции да работат според исти принципи.
Можеби решението е и ангажирање странски координатор, на пример од Шпанија, кој би помогнал во изборот и насочувањето на тренерите во младинските категории. Тоа не значи дека мора да имаме странски селектор, туку човек што ќе ја постави стручната работа и ќе обезбеди континуитет.
Најважно е во тој систем да нема ургенции, корупција и непотизам. Ако сакаме промени, мора да се постават правила и да се работи според јасна програма.
Значи, според вас, излезот од кризата бара многу повеќе од промена на селекторот?
– Реално, нашиот фудбал во моментов е на многу ниски гранки. Има идеи и начини како да се излезе од оваа ситуација, но мора да постои волја да се спроведат. Не може секој нов човек да почнува од почеток. Потребни се систем, континуитет и одговорност.
В.З.


