Борусија Дортмунд го продолжи договорот со тренерот Нико Ковач до јуни 2029 година, беше објавено денес на официјалната веб-страница на клубот.
Нови договори потпишаа и помошниците на Ковач, неговиот брат Роберт Ковач и Филип Тапаловиќ.
Тековниот договор на Ковач требаше да истече на крајот од оваа сезона, но клубот одлучи да ја продолжи соработката порано.
Хрватскиот стручњак го презеде Дортмунд во февруари 2025 година, кога го наследи Нури Шахин, а минатата сезона го водеше тимот до второто место во Бундеслигата.
Според статистиката објавена од клубот, Ковач има просек од 2,15 поени по натпревар во Бундеслигата, што е најдобар просек од сите тренери во историјата на Дортмунд.
„На многу добар пат сме со Нико Ковач од неговото доаѓање пред нешто повеќе од година и пол. Тој постојано го развива тимот и ужива голема доверба во клубот“, рече спортскиот директор Ларс Рикен.
„Заедно инициравме јасен развој и поставивме важни темели за иднината. Гледаме голем потенцијал и сме убедени дека заедно можеме да постигнеме многу повеќе“, рече Ковач.
Пред да се приклучи на Дортмунд, Ковач ги водеше Ајнтрахт Франкфурт, Баерн, Монако и Волфсбург, а беше и тренер на Хрватска.
Дортмунд ќе игра во Лигата на шампионите утре, кога ќе гостува кај Бодо/Глимт од 21 часот.


