Лионел Меси освои речиси сè што може да се освои во фудбалот, но има едно нешто од неговата младост за кое сè уште длабоко жали денес.
Еден од најдобрите фудбалери на сите времиња освои бројни трофеи, осум „Златни топки“ и стекна богатство за време на својата богата кариера. Сепак, 39-годишниот Аргентинец призна дека има нешто што би сакал да го промени доколку може да го врати времето.
Гостувајќи во поткастот „Miro de atras“, Меси откри дека неговото најголемо жалење во животот нема никаква врска со фудбалот, изгубените натпревари или пропуштените можности на теренот. Тоа е што не научил англиски како момче.
„Жалам за многу работи, но особено затоа што не учев англиски како момче. Имав време барем да научам англиски, но не го направив тоа. Длабоко жалам“, призна Меси.
За време на својата кариера, аргентинскиот великан имал можност да се сретне со многу познати и влијателни луѓе од различни делови на светот, но јазичната бариера честопати го спречувала да разговара со нив онака како што сакал.
„Честопати сум бил во неверојатни ситуации со спектакуларни луѓе, а со нив се чувствував како да не знам ништо. Секогаш си мислев: „Колку сум будала, колку време потрошив залудно.“
Токму поради сопственото искуство, Меси денес особено ја нагласува важноста на образованието за своите деца. Тој верува дека младите луѓе честопати не се свесни за можностите што ги имаат и колку знаење може да им користи подоцна во животот.
„Кога си млад, тоа не го разбираш. Затоа им го нагласувам ова на моите деца сега, дека е важно да имаат добро образование, да учат и да бидат подготвени. Тие мора да го искористат она што им е достапно, иако мене никогаш ништо не ми недостигало, тие се во поинаква ситуација“, рече легендарниот фудбалер.
Меси со тоа покажа дека дури и најголемите спортски успеси и светската слава не значат дека човекот нема причина да се кае за некои одлуки донесени во младоста.


