Поранешниот менаџер на Манчестер Јунајтед, Ерик тен Хаг, го обвини раководството на англискиот клуб дека не ги исполнило ветувањата што ги добил во летото 2024 година, особено продажбата на Скот Мектомини во Наполи, на што остро се спротивставил.
Во едно интервју, холандскиот стручњак откри детали од состанокот на Ибица, одржан по освојувањето на ФА Купот, кога тој и челниците на Јунајтед разговарале за продолжување на соработката и плановите за следната сезона.
„Се согласивме на Ибица. Јасно ставив до знаење дека Мектомини не смее да биде продаден и дека мора да донесуваме одлуки заедно за време на преодниот рок. Им објаснив дека немаме доволно играчи кои постигнуваат голови, а Скот ни го донесе токму тоа, со одличен менталитет. Јунајтед му е во крвта. Кога повторно почнаа муабетите за продажба, мојот одговор беше не. На крајот, сепак го продадоа. Бев многу засрамен и разочаран“, рече Тен Хаг.
Шкотскиот репрезентативец постигна десет гола во сите натпреварувања во својата последна целосна сезона на „Олд Трафорд“. Само Бруно Фернандеш и Расмус Хојлунд беа поефикасни од него, но клубот сепак одлучи да го продаде на Наполи во летото 2024 година за околу 30 милиони евра.
Парите беа искористени за доведување на Мануел Угарте, додека Мектомини брзо се етаблираше како еден од најдобрите играчи од средниот ред во Серија А во Италија и го водеше Наполи до титулата во лигата.

Тен Хаг вели дека продажбата на Шкотланѓанецот не било единственото ветување што челниците на Јунајтед го прекршија.
Откако го победија Манчестер Сити во финалето на ФА Купот, клубот му го продолжи договорот за уште една година, но Холанѓанецот инсистирал да добие јасни гаранции за неговата улога во идниот проект.
„Не сакав да продолжам само со една година од договорот. Им кажав дека ми треба уште една година и дека мора да работиме заедно. Ми ветија лојалност, поддршка, комуникација и заедничко донесување одлуки. Разговаравме за проблемите, но не ги исполнија своите ветувања. Затоа бев разочаран“, рече Тен Хаг.
Само неколку месеци по тие разговори, во октомври 2024 година, Јунајтед го отпушти холандскиот менаџер поради лоши резултати.
Тен Хаг ги освои Лига купот и ФА купот во своите две сезони на „Олд Трафорд“, но неговиот мандат беше обележан со големи инвестиции во засилувања, неконзистентни резултати и бројни несогласувања околу составот на тимот.


