Непосредно пред официјалниот дел од прес-конференцијата во Куманово, победничката екипа во ланското издание на финалниот турнир „Благоја Георгиевски-Буштур“, МЗТ Скопје Аеродорм, го доби во трајна сопственост трофејот кој го освоија пред една година на турнирот во Гевгелија.
Во таа прилика, гродначалникот на Куманово, Максим Димитриевски му порача на капитенот на „металците“ барем оваа година пехарот да има друг сопственик.
Но Димитриевски доби негативен одговор од страна на еден од најтрофејните кошаркари и во ова натпреварување, соопштија од Кошаркарската федерација на Македонија (КФСМ).
На отвораањето на прес-конференцијата, првиот човек на општина Куманово напомена дека е горд што неговиот град е домаќин на најдобрите од македонската кошарка и додаде дека би сакал тоа да стане традиционално.
Односно и во иднина најдобрите во ова натпреварување да се пресметуваат во кумановската спортска сала.
„Зошто и следната година завршниот турнир од Купот што го носи името на нашиот голем пријател, Благоја Георгиевски-Буштур кој за жал повеќе не е со нас, да не се игра во Куманово, односно тоа да стане своевидна традиција. Верувам дека за следната година ќе го решиме и прашањето околу греењето и ладењето, што ни е крајна цел. Без разлика на сето ова, посакувам викендов да следиме квалитетна кошарка и да уживаме во мајсториите на актерите на теренот“ – посака Димитриевски.


