Македонија ги освои првите медали на Медитеранските игри во Таранто, и тоа во борење, на третиот ден од Игрите. Фати Вејсели, Реџеп Хајдари и Ахмад Магомедов стигнаа до борбите за медал и обезбедија две сребрени и едно бронзено одличје за македонската делегација.
Фати Вејсели во категоријата до 74 килограми во слободен стил го освои сребрениот медал, откако во финалето загуби од Ислам Дудаев од Албанија со 0:4 на поени. Вејсели претходно оствари три победи на патот до финалето, вклучително и драматичниот полуфинален триумф од 5:3 над Турчинот Јасин Јесил.
Со сребрен медал се закити и Реџеп Хајдари во категоријата до 97 килограми во слободен стил. Хајдари во полуфиналето го совлада Французинот Адлан Висханов со 3:2, додека во финалето загуби од Гркот Даурен Куруглиев и се пласираше на второто место. Честа да му го додели сребрениот медал на Хајдари ја имаше претседателот на Македонскиот олимписки комитет, Даниел Димевски.
Ахмад Магомедов во категоријата до 86 килограми во слободен стил се бореше за бронзениот медал против Италијанецот Габриеле Николини. Магомедов ја доби борбата со убедливи 10:0 на поени и со технички туш го освои бронзениот медал.
Со три медали од борењето, Македонија го отвори медал-билансот на овогодишните Медитерански игри уште на третиот ден од натпреварувањата, кои започнаа на 21 август и ќе траат до 3 септември.
По одличниот ден за македонскиот спорт, денеска продолжуваат настапите на македонските спортисти во Таранто. Први на програмата се настапите во пливање, каде Стефан Тодоров од 10:20 часот ќе се натпреварува на 50 метри слободен стил. Во ритмичка гимнастика ќе настапи Илина Соколовска, која од 12:10 часот ќе се натпреварува со топка, од 12:11 часот со хулахоп, од 17:11 часот со чуњеви и од 17:50 часот со лента.
Во боксот, од 15:00 часот, Ален Рустемовски ќе настапи во категоријата до 60 килограми, додека во тенисот од 17:00 часот на теренот ќе биде Кристијан Јанев. Од 20:30 часот е предвиден и настапот во мешани двојки. Денешната програма ќе ја затвори борењето, каде од 19:30 часот Вероника Консевиќ ќе се бори за бронзениот медал.
За Македонија ова е четврто учество на Медитеранските игри како самостојна држава, по настапите во Мерсин во 2013, Тарагона во 2018 и Оран во 2022 година.
Во Таранто Македонија настапува со најбројната делегација досега на Медитеранските игри, со околу 130 членови, од кои 88 спортисти во 19 спортови.
Најинтересните натпревари од Игрите може да се следат на МРТ 3, додека македонската јавност може да ја следи атмосферата од Таранто и преку социјалните канали и содржини на официјалните Facebook и Instagram профили на Македонскиот олимписки комитет, како и на каналите на Стефан Лазаров.


