Поранешниот јапонски репрезентативец Кеисуке Хонда се најде во неволја откако јавно изјави дека би сакал иранските играчи да учествуваат на Светското првенство ова лето. Подоцна објави дека поради своите зборови, изгубил спонзор.
Кеисуке Хонда во четвртокот на социјалните мрежи изјави дека би сакал Иранците да играат на Светското првенство во САД, Канада и Мексико.
„Знам дека е многу чувствително прашање, но лично сакам тие да учествуваат на Светското првенство“, напиша тој откако иранскиот министер за спорт изјави дека верува оти нема да биде безбедно за играчите на неговата земја.
Кратко потоа, тој повторно проговори:
„Очигледно мојата изјава предизвика една американска компанија да откаже реклама што требаше да ја снимаме за Светското првенство. Не сакаме да соработуваме со компании кои ја игнорираат суштината и донесуваат одлуки врз основа на искривено размислување“, рече тој, без да ја именува компанијата за која станува збор.
Претседателот на Соединетите Американски Држави, на чија почва Иран треба да ги игра сите три натпревари од групната фаза, Доналд Трамп, изјави дека Иранците се добредојдени, но дека поради сопствена безбедност не треба да доаѓаат. Министерот за спорт на Иран изјави дека нема услови Иран да учествува на Светското првенство од безбедносни причини.
Сепак, Фудбалската федерација изјави дека Иран чесно освоил место на светскиот фудбалски фестивал и дека самата Федерација е единствената што може да одлучи дали да оди на натпреварувањето.
Светското првенство оваа година започнува на 11 јуни и ќе заврши на 19 јули.


