Њукасл Јунајтед би можел да влезе во нова фаза на сопственост и развој на инфраструктурата, при што сопствениците на клубот се отворени за продажба на малцински удел за да соберат пари за големи проекти, вклучувајќи евентуална замена за „Сент Џејмс Парк“ и изградба на најсовремен тренинг центар.
Јавниот инвестициски фонд на Саудиска Арабија, познат како ПИФ, останува посветен на Њукасл на долг рок, но е подготвен да го намали својот сегашен удел од 85 проценти во клубот. ПИФ го купи Њукасл од Мајк Ешли во 2021 година за околу 350 милиони евра, а преостанатите 15 проценти ги држи британското семејство Рубен.
Според луѓе запознаени со ситуацијата, потенцијалните инвеститори веќе се обратиле до клубот, со идеја да продадат малцински удел за да ослободат простор за финансирање проекти што Њукасл одамна ги идентификуваше како клучни за иднината.
Главниот извршен директор на клубот, Дејвид Хопкинсон, сака да го забрза процесот на донесување одлуки за стадионот и тренинг-теренот, бидејќи клубот веќе некое време се чувствува малку заглавен во врска со ова прашање. „Сент Џејмс Парк“ редовно е распродаден, но потребна му е голема реконструкција, додека првиот тим на Еди Хау сè уште работи во услови кои се солидни, но не на нивото на европската елита, и покрај подобрувањата направени во последните години.
Конечна одлука сè уште не е донесена. Њукасл се соочува со две опции: проширување и реновирање на култниот „Сент Џејмс Парк“ или изградба на целосно нов стадион. Клубот веќе нарачал детални концепти и дизајни за обете опции, но конкретниот напредок досега е бавен, делумно поради честите промени во управувачката структура.
Сепак, Хопкинсон сака да го промени тој ритам.

ПИФ не планираше сам да ја финансира изградбата на новиот стадион, бидејќи Њукасл од самиот почеток го гледаше како долгорочна инвестиција што треба да донесе профит во иднина. Сепак, проект од ваков обем би барал значително зголемување на капиталот, со дополнително надворешно финансирање.
Њукасл верува дека продажбата на малцински удел би можела да го започне тој процес. Исто така, постои верување дека постојат институционални и приватни инвеститори подготвени да влезат во клубот, кој, како фудбалски бизнис, се покажа како отпорен на економски кризи. Во клубот се проценува дека Њукасл би можел да достигне вредност од околу 5,7 милијарди евра во иднина.
Разговорите со заинтересираните страни се уште се во рана фаза и не се иницирани од самиот ПИФ.
Оваа ситуација доаѓа во време кога саудискиот фонд најави крај на финансирањето на LIV Golf, проект кој досега го чинеше околу 4,2 милијарди евра, како и повлекување од други инвестиции надвор од Саудиска Арабија, без разлика дали се спортски или не. Ова доведе до шпекулации дека ПИФ би можел целосно да го продаде Њукасл, но таквите тврдења беа демантирани од страна на раководството на клубот.
Амбицијата на Њукасл останува висока. Хопкинсон претходно изјави дека целта на клубот е да биде „во разговорот за тоа кој е најдобриот клуб во светот“ до 2030 година. За таков план да биде барем малку реалистичен, Њукасл мора да го реши прашањето за стадионот и долгорочната инфраструктура.
Во меѓувреме, клубот е близу до објавување подобрувања на „hospitality“ложите на „Сент Џејмс Парк“, осветлувањето на стадионот и тренинг-објектите на женскиот тим на „Кокрејн Парк“.


