Српскиот тенисер, Новак Ѓоковиќ повторно влезе во историјата на тенисот. Популарниот Ноле остана меѓу првите пет тенисери во светот овој понеделник, соборувајќи еден од најимпресивните рекорди во спортот – оној на Роџер Федерер за бројот на недели поминати во Топ 5 на АТП ранг-листата.
И додека за неговата доминација се зборува со години, малкумина можеа да очекуваат дека токму овој рекорд, кој долго време изгледаше недостижен, ќе падне. Ѓоковиќ сега стои сам на врвот, уште еднаш потврдувајќи го својот статус како еден од најголемите во историјата.
Новите АТП ранг-листи, објавени по турнирите во Барселона и Минхен, не донесоа никакви промени меѓу првите пет. Ѓоковиќ остана четвртиот играч во светот, но токму тоа го донесе до 860 недели во првите пет – една повеќе од Федерер, кој го држеше рекордот со 859 до пред две недели.
Ѓоковиќ прво го изедначи тој учинок, а сега го надмина, дополнително зацврстувајќи ја својата позиција во книгите по историја. Трет на листата е Рафаел Надал со 837 недели во првите пет.
На врвот на АТП ранг-листата е сè уште Јаник Синер со 13.350 поени, пред Карлос Алкараз кој има 12.960, додека Александар Зверев е трет со 5.255 поени. Ѓоковиќ е четврти со 4.710, а Топ 5 го затвора Феликс Оже-Алијасим со 4.100 поени.
Интересни промени се случија веднаш зад нив. Бен Шелтон го освои турнирот во Минхен и ја зацврсти својата шеста позиција со 4.070 поени. Следен е Тејлор Фриц, кој го прескокна Алекс де Минаур за 25 поени и сега има 3.870. Лоренцо Мусети и Даниил Медведев ја заокружуваат првата десетка во светот.


