Луис Хамилтон не се чувствувал добро по Големата награда на Сингапур и бил прегледан од медицинскиот тим на ФИА, потврди Ферари.
„На Луис му се слоши по трката и беше прегледан од медицинскиот тим на ФИА. Оттаму му дадоа дозвола да не влегува во медиумската зона по трката“, изјави портпаролот на Ферари во соопштението.
Италијанскиот тим не соопшти што точно се случило со Хамилтон или каква е неговата моментална состојба.
Трката на патеката „Марина Беј“ е позната како една од најтешките во календарот поради топлината и влажноста. Хамилтон и Џорџ Расел, поранешни тимски колеги во Мерцедес, страдаа од дехидрација и исцрпеност по оваа трка пред две години.
Седумкратниот светски шампион стартуваше од вториот ред во неделата и ја заврши трката на шестото место. Тој не влезе во боксот кога требаше, па изгуби неколку позиции, а веднаш по финишот му се извини на тимот преку радио.
„Извинете момци. Денес ве разочарав со таа стратегија. Моја одлука, а ние изгубивме вредни поени. Ќе се обидам да го надоместам тоа во следната трка“, рече Хамилтон.
Трката од почетокот до крајот ја предводеше Макс Верстапен, кој победи во Сингапур за прв пат во својата кариера.


