Откако снимките од масовната физичка пресметка во Абу Даби станаа вирални на социјалните мрежи и во медиумите, актуелниот шампион на УФЦ, Ислам Махачев, излезе да ги брани своите колеги од тимот на Хабиб Нурмагомедов. Махачев презентираше сосема поинаква верзија на настаните и директно го обвини грузискиот борец Мераб Двалишвили дека е виновен за ескалацијата на насилството.
Според зборовите на Махачев објавени на Инстаграм, Двалишвили бил првиот што посегнал кон физичко насилство и навреди.
„До оние кои сега го критикуваат Усман и другите и ги навредуваат, сакам да поставам едно прашање: зошто молчевте кога Мераб удри борач од Дагестан без причина, со што му ја наруши честа? Што се случи денес – Мераб започна сè во својата земја, осмелувајќи се да удри гостин и да ја навреди неговата мајка. Човекот му пристапи на сосема нормален начин, без никакви лоши намери“, сподели тој.
Целиот инцидент произлегува од прес-конференцијата во Грузија, каде што Двалишвили беше прашан дали ќе се бори со Умар Нурмагомедов. Грузиецот одби, велејќи:
„Не, никогаш. Е*и го тој човек“, истакнувајќи дека би прифатил кој било друг противник што ќе го избере организацијата, освен Умар.
По прес-конференцијата, на Двалишвили му се обрати Ахмед Гаџимагомедов, руски борач во слободен стил и освојувач на бронзен медал на светот, кој е исто така пријател и спаринг партнер на Умар Нурмагомедов. Гаџимагомедов го праша зошто зборува за Умар зад грб и врз основа на што го навредува.
Разговорот брзо се претвори во инцидент во кој Двалишвили го удрил рускиот борач, но во тој случај немало поголема физичка пресметка.
Од друга страна, Двалишвили по настанот изјави дека еден млад 21-годишен борач од Грузија, кој бил со него, морал да се бори и со Усман и со Умар Нурмагомедов.
„Мојот млад пријател – тој е само 21-годишен борач од Грузија – беше со мене. Се бореше со двајцата браќа, Усман и Умар. Рече: „Ако овие двајца можат да ми го направат ова, тогаш се префрлам во ММА!“ Дури и се судри со некои од другите. Боже мој. Обезбедувањето ме спречуваше да продолжам напред, додека тие физички нè напаѓаа. Што се случува? Животот е прекрасен, луѓе. Сè е во ред.“
По ваквите изјави, стана јасно дека конфликтот повеќе не е ограничен на спор меѓу поединци, туку прераснал во отворена и сериозна војна меѓу два борбени тима.


