Македонската ракометна репрезентација денеска ја очекува сериозен испит на гостувањето кај Грција, во рамките на второто коло од квалификациите за Европското првенство во 2028 година. По убедливиот старт и победата над Луксембург (41:23), избраниците на Кирил Лазаров сега ќе мора да покажат дека можат да се надигруваат и на гостински терен со противник кој во последниот период бележи сериозен напредок.
Дуелот ќе се одигра во Халкида, во салата „Тасос Камбурис“, каде што домаќините очекуваат полни трибини. Грчката ракометна федерација најави бесплатен влез за навивачите, свесна дека поддршката од трибините може да биде важен фактор во обидот да се стигне до првите бодови во квалификациската група.
Грција не го започна најдобро квалификацискиот циклус, откако загуби на гостувањето кај Шведска со 33:24. Сепак, во грчкиот табор сметаат дека Македонија е противникот против кој мора да се бара победа доколку сакаат да останат во игра за пласман на континенталниот собир.
Селекторот на Грција, Георгиос Заравинас, го означи натпреварот како исклучително важен за амбициите на неговата репрезентација. Тој смета дека неговите ракометари имаат квалитет за подобро издание од она против Шведска, но и дека поддршката од домашната публика ќе има големо значење.
Слична порака испрати и Теодорос Боскос, кој по поразот од Шведска повика на поддршка од навивачите, нагласувајќи дека неделниот натпревар против Македонија е особено важен за продолжување на борбата за пласман на Европското првенство.
Од македонска страна, пак, нема потценување на противникот. Кирил Лазаров уште по победата над Луксембург предупреди дека неговите избраници ги очекува сосема поинаков предизвик. Краткиот период за подготовка е дополнителна отежнувачка околност, но селекторот е свесен дека Македонија ќе мора да биде подготвена за силен отпор.
Лазаров очекува тежок натпревар и посочува дека Грција е селекција која во последните години значително напредува, што го потврди и со настапите против Холандија во баражот за Светското првенство.
Искусниот Никола Костески, пак, смета дека одбраната ќе биде еден од најважните сегменти доколку Македонија сака да стигне до позитивен резултат. Тој предупредува дека противникот располага со квалитетна бековска линија и дека концентрацијата мора да биде на високо ниво во текот на сите 60 минути.
„Мораме да бидеме фокусирани од првата до последната минута. Најважно е да одиграме квалитетно во одбраната, бидејќи тоа може да ни донесе и полесни голови“, е пораката на Костески пред гостувањето.
И Мартин Серафимов очекува натпревар со многу борба и адреналин. Според него, убедливата победа над Луксембург беше добра увертира, но против Грција ќе биде потребно многу повеќе, особено поради домашниот терен и квалитетот на противникот.
„Сè се сведува на борба, борба и борба. Кога ќе го облечеш репрезентативниот дрес и ќе истрчаш на теренот, чувството е посебно. Сите добиваме дополнителен адреналин кога играме за Македонија“, порача Серафимов.
Македонија има позитивна традиција во меѓусебните пресметки. Од осумте досегашни дуели во официјалните натпреварувања, нашата селекција има шест победи, наспроти две на Грција. Последната средба од Европските квалификации во 2019 година заврши со победа на Македонија од 27:23.
Сепак, традицијата нема да биде доволна за нов успех. Грција во последните години покажа дека може да биде сериозен противник и за посилни европски селекции, а двете победи над Холандија во баражот се доволно предупредување за македонскиот тим.
По првото коло Македонија е на врвот на групата со два бода, пред Шведска, додека Грција и Луксембург се без бодови. Нов триумф би бил исклучително значаен за македонските амбиции и би донел одлична позиција во продолжението од квалификациите.
Натпреварот Грција – Македонија се игра денеска од 16:00 часот по македонско време.


