Голем скандал го тресе тенискиот свет откако коментаторот на beIN Sports, Матие Солие, ја навреди Арина Сабаленка, 28-годишната тенисерка број 2 во светот, за време на преносот од финалниот ВТА турнир.
Коментаторот не бил свесен дека микрофонот му е вклучен, па затоа неговата несоодветна изјава можела да ја чујат и гледачите пред екраните.
Инцидентот се случил за време на промотивно снимање на кое белоруската тенисерка позирала пред камерите и им испратила бакнеж на гледачите. Во тој момент, Солиер, не сфаќајќи дека неговиот коментар се емитува во живо, изговорил навредливи зборови за нејзиниот изглед.
„Видете, видете, видете, таа е ужасна“, рекол коментаторот на beIN Sports.
Снимката од инцидентот брзо се прошири на социјалните мрежи и предизвика бројни реакции, а телевизиската компанија beIN Sports се најде под силен притисок поради однесувањето на својот вработен.
Флоран Узо, еден од лидерите на beIN Sports, официјално реагираше на скандалот, јавно осудувајќи ги зборовите на коментаторот и извинувајќи се.
„Жалам за изјавите дадени вечерва за време на преносот во живо од финалето ВТА турнирот и силно ги осудувам. Овие коментари не ги одразуваат вредностите на beIN Sports. Ја потврдувам нашата посветеност да се однесуваме со почит кон сите спортисти и учесници во нашите преноси“, рече Узо.
Самиот Солиер сè уште не дал јавна изјава за инцидентот, а Сабаленка досега не ја коментирала ситуацијата.


