Селекторот на бразилската репрезентација, Карло Анчелоти, изјави дека Нејмар ќе биде достапен за последниот натпревар од групата на Светското првенство против Шкотска, но одби да каже дали ѕвездата на „селесао“ ќе се појави на теренот во Мајами на 25 јуни на полноќ по наше време. 34-годишниот напаѓач беше повикан од италијанскиот стручњак за Светското првенство во Северна Америка по отсуство од речиси три години, но сè уште не играл на турнирот поради повреда на листот.
„Нејмар е тука. Тој тренираше оваа недела и ќе биде подготвен за натпреварот. Многу сме среќни што се врати бидејќи очигледно може да му помогне на тимот со своите квалитети. Навистина го запознав добро. Работи многу напорно, се обидува да се опорави што е можно побрзо. Многу сум среќен за него. Дури и ако не игра, тој носи искуство, познавање на играта и им помага на младите играчи. Тој се снаоѓа многу добро“, изјави Анчелоти за медиумите.
На прашањето колку Нејмар може да игра, Италијанецот се пошегува: „Може да игра 90 минути – одејќи. Не, добро е, работи и тренира многу добро“.

Бразил, кој ремизираше 1-1 со Мароко и го победи Хаити со 3-0 во првите два натпревари во Групата Ц, каде што водат, ќе гарантира пласман во нокаут фазата ако избегне пораз од Шкотска, а Карло Анчелоти очекува силен настап од своите играчи.
Сепак, тој ќе мора да најде замена за крилниот напаѓач Рафиња, кој има проблем со бутот, но повторно одби да каже кој ќе го замени во почетниот состав.
„Очигледно сме многу посветени на тоа да се покажеме добро на ова Светско првенство. Мислам дека првиот натпревар не беше најдобар, вториот беше подобар и сме уверени дека третиот ќе биде најдобар“, рече Италијанецот.
Противникот Шкотска, кој победи еден и загуби еден по првите натпревари, би можел да продолжи како еден од осумте најсилни тимови што завршиле на третото место во своите групи, а Анчелоти очекува тежок натпревар против „гајдарите“.
„Шкотската репрезентација е квалитетна. Тие се борци и се многу добро организирани. Скот Мектомини и Џон Мекгин се искусни играчи кои се навикнати на вакви натпревари. Ќе биде тежок натпревар, како и обично. Мислам дека лесните натпревари на Светското првенство одамна завршија, па затоа сме подготвени да играме тежок натпревар“, додаде Анчелоти.
Летот на Бразил за Мајами беше одложен во вторникот, што ја помести прес-конференцијата на Анчелоти за подоцна, но Италијанецот рече дека нема да дозволи тоа да го спречи да ужива во своето прво Светско првенство како тренер.
„Пред денес сè беше совршено. Денес имаше мал проблем, но може да се случи. Мислам дека имаме квалитет и самодоверба да имаме добро Светско првенство. Во фудбалот сè може да се случи, но во секој случај ќе биде одлично искуство – дури и ако треба да одржам прес-конференција во девет часот навечер“, рече Италијанецот.


