Конфликтот меѓу Александар Чеферин и Џани Инфантино очигледно ескалира. Претседателот на УЕФА остро го нападна шефот на ФИФА поради неуспешниот проект ФИФА Форвард Ентерпрајз (ФФЕ), нарекувајќи го план кој, според него, е „полош од Суперлигата“.
Во интервју за поткастот „The Rest is Politics: Leading“, Александар Чеферин отворено изјави дека целта на проектот е неприфатлива.
„Мислам дека овој план е уште полош од Суперлигата. Во првиот случај, исклучително важни клубови сакаа да основаат своја лига, што беше погрешно и ќе го уништише фудбалот. Но, тука фудбалот буквално ќе беше продаден“.
Чеферин нагласи дека верува оти проектот дефинитивно засега не успеал.
„Апсолутно сум сигурен дека планот ФФЕ е завршен. Најважно за мене е што спречивме уште еден обид за продажба на спорт. Тешко ми е да замислам какви луѓе би продавале спорт што им припаѓа на сите“.
Сепак, тој не ја исклучува можноста дека слична идеја еден ден повторно ќе се појави.
„Можеби ќе се случи за 20 години, никогаш не се знае, но засега соработуваме многу добро со сите. Сигурен сум дека тоа не може да се случи во следните 10 години.“
Но, најгласната порака беше наменета за Џани Инфантино. Чеферин потврди дека не разговарал со претседателот на ФИФА откако избувна аферата ФФЕ и јасно му кажа што го чека ако одлучи повторно да ја започне изборната трка.
„Не разговарав со него, не ме контактираше откако се случи ова. Постојат две опции. Првата е да разбере дека тој нема поддршка – и не само политичка поддршка од оние што гласаат, туку и поддршка од фудбалската заедница, навивачите, играчите, поранешните играчи и тренерите.“
По ова следеше отворено предупредување:
„Друга опција е тој да оди на избори во март, но во тој случај мислам дека ќе има противник. Не знам кој ќе биде тоа засега.“
Претседателот на КОНКАКАФ, Виктор Монтаљани, се споменува како едно од можните имиња што би можеле да се спротивстават на Инфантино. Чеферин, сепак, ја отфрли можноста самиот да се кандидира за претседател на ФИФА.
„Мојот кредибилитет е многу, многу поголем ако не сум заинтересиран за позицијата.“
Чеферин, исто така, се осврна на односот на Инфантино со американскиот претседател Доналд Трамп и не го криеше својот скептицизам.
„Искрено, мислам дека сте наивни ако верувате дека таков политичар, или кој било политичар, е ваш добар пријател. Во моментот кога ќе станете проблем, престанувате да бидете пријател на политичар.“
Тој беше особено шокиран од случајот со Фоларин Балогун, чија суспензија беше одложена по јавниот притисок и барањата за преиспитување на одлуката.
„Беше повеќе од шокантно. Имаме правила, а ако не ги следите сопствените правила, играта ја губи својата смисла. Шокантно е и, верувајте ми, речиси сите беа згрозени. Само што не се осмелија сите да зборуваат.“
Во меѓувреме, притисокот врз Инфантино расте. Шест нордиски фудбалски федерации заеднички објавија дека ја изгубиле довербата во претседателот на ФИФА и побараа гаранции дека ФИФА нема да го предаде управувањето или нејзините натпреварувања на приватна сопственост.
Конфликтот меѓу двајцата најмоќни луѓе во светскиот фудбал влезе во нова фаза, а пораката на Чеферин до Инфантино е појасна од кога било – ако одлучи да се кандидира за реизбор, за прв пат би можел да има сериозен противник.


