Работнички стигна до втората победа во низа откако го совлада Шкупи со 3-0 на Арената “Тодор Проески” во Скопје. Квалитетот беше на страната на тимот од Дебар Маало кој заслужено ги освои трите бода.
Работнички поведе во 37.минута. Манојлов во соло пробив надмудри неколку противнички фудбалери и со прецизен удар ја затресе мрежата на Шкупи за 1-0.
Во вториот дел Работнички имаше неколку можности кои не донесоа ефект, се до 78.минута, кога Сухељ Мухарем погоди за 2-0. Зија Мерџани продре по левата страна, уфрли во петерецот, а Мухарем реализираше.
Три минути подоцна уште една добра акција на Работнички која во гол ја претвори Матеј Ангелов.
Дербито на колото во Првата македонска лига, одиграно денеска во Струга меѓу Струга Трим Лум и Вардар заврши без победник, 1:1.
Во првото полувреме двете екипи имаа по неколку закани, но Вардар прв успеа да ја искористи посериозната можност. Во 13. минута, По одлично изведен корнер, дефанзивецот Матиќ најдобро се снајде во шеснаесетникот и со прецизен удар ја затресе мрежата. Тоа беше единствениот погодок во првиот дел.
Во второто полувреме иницијативата ја презеде Струга, додека Вардар се повлече и се обидуваше да ја сочува предноста. Домаќините притисокот го крунисаа околу десет минути пред крајот, повторно по прекин. По изведен слободен удар, во мешаницата најприсебен беше Малески, кој ја испрати топката во мрежата за конечни 1:1.
Вардар останува непоразен на првото место, а по 20 одиграни средби „црвени-црните“ имаат 52 бода на врвот на табелата. Струга е трета со 43, но Шкендија (втора со 45 бода) и Силекс (на четврто место со 35 бода) имаат натпревар помалку.
Утре на програмата се преостанатите средби од 20 коло, при што Арсими ја пречекува Македонија ЃП, а Тиквеш е домаќин на Силекс.


