Серхио Рамос сè уште не размислува за завршување на својата богата играчка кариера, иако го прослави својот 40-ти роденден во март. Поранешниот капитен на Реал Мадрид е без клуб откако го напушти мексикански Монтереј, а сега се појави можноста за негово враќање во шпанската Ла Лига.
Хетафе е заинтересиран за неговите услуги, а нивниот претседател Анхел Торес потврди дека веќе се воспоставени контакти со претставниците на искусниот дефанзивец.
Во интервју за шпанското радио Национал, тој откри дека разговарал со братот на Рамос, Рене, кој е и негов менаџер.
„Разговарав со неговиот агент, или поточно со неговиот брат. Имаме шест централни дефанзивци и тоа не е позиција што сакаме да ја зајакнеме во моментов, но Рамос е на нашата листа на потенцијални засилувања“, рече Торес.
Претседателот на Хетафе дополнително објасни дека можноста за трансфер не е исклучена, иако тренерот Хозе Бордалас во моментов има приоритет на доведување на крилни играчи. Интересно е што Хетафе неодамна го доведе Дани Карвахал, па Рамос повторно би можел да се најде во соблекувалната со својот поранешен соиграч од Реал Мадрид.
Рамос го помина поголемиот дел од својата кариера во Реал Мадрид, со кого освои четири Лиги на шампиони и пет титули во шпанското првенство. Откако го напушти Сантијаго Бернабеу, тој играше за ПСЖ, Севиља и Монтереј, а својот последен официјален натпревар го одигра во декември 2025 година.


