По 526 дена, неколку операции и бројни компликации за време на закрепнувањето, Дејан Кулушевски конечно се враќа во составот на Тотенхем.
Шведскиот интернационалец ќе биде на клупата за вечерашниот натпревар против Ковентри, што ќе биде негов прв пат на списокот од 11 мај 2025 година, кога мораше да го напушти теренот во 19-тата минута против Кристал Палас поради повреда на коленото.
Оттогаш, лондонскиот клуб имаше три измени на клупата. Анџе Постекоглу, кој го водеше Тотенхем во последниот натпревар на Кулушевски, одамна си замина, истекоа и мандатите на Томас Франк и Игор Тудор, а враќањето на 26-годишникот со шотекло од Македонија го поздрави Роберто де Зерби.
„Да, Кулушевски ќе биде на клупата. Медицинскиот тим даде зелено светло. Ова е една од најдобрите вести што ги добивме во последно време. Тој премногу страдаше и заслужува повторно да ја почувствува емоцијата од играње фудбал. Му ја соопштив одлуката вчера и тој имаше огромна насмевка на лицето“, рече Де Зерби.
Кулушевски мораше да се подложи на операција поради сериозно оштетување на ‘рскавицата на десното капаче на коленото, но неговото закрепнување не одеше според планот. Во март оваа година, тој беше подложен на нова процедура, артроскопија, и ја пропушти целата минатата сезона, како и Светското првенство со Шведска.
Тој се врати на тимските тренинзи дури кон крајот на август, по пауза од 477 дена.
Пред повредата, тој беше еден од најважните играчи на Тотенхем. Во сезоната 2024/25, тој постигна 10 гола и имаше 11 асистенции во 50 натпревари, но не можеше да им помогне на своите соиграчи во финалето на Лигата на Европа против Манчестер Јунајтед, во кое лондонскиот клуб стигна до трофејот.
Неговото враќање доаѓа во тежок период за Тотенхем, кој е на дното на табелата во Премиер лигата и сè уште чека на својата прва победа во лигата.
Сепак, Де Зерби има нови проблеми со повредите. Савио ќе отсуствува неколку недели поради мускулен проблем, додека се очекува Лукас Бергвајн да отсуствува околу две недели поради повреда на коленото.


