Барселона официјално го привлече Џастин Минаха, кој потпиша договор со каталонскиот клуб до 30 јуни 2028 година.
Минаха е 27-годишен кошаркар со американски и доминикански пасош, а во Барселона пристигнува како дефанзивен специјалист. Ова ќе биде и негов прв ангажман во Европа.
Тој досега ја изгради својата кариера во НБА и развојната „Џи“ лига, каде што одигра вкупно 136 професионални натпревари – 57 во НБА и 79 во „Џи“ лигата.
Своето деби во најсилната лига во светот го имаше во дресот на Портланд Треил Блејзерс на 4 април 2023 година, истиот ден кога потпиша договор со клубот. Во своето деби против Мемфис Гризлис, тој помина 17 минути на паркетот и запиша осум поени, четири скока, две асистенции и една блокада.
Un plaer, Justin 👋 pic.twitter.com/4gPZQGbE9u
— Barça Basket (@FCBbasket) September 1, 2026
До крајот на таа сезона, тој одигра вкупно четири натпревари, со просек од 4,3 поени, 3,8 скока, една асистенција и 1,3 блокади за 22,3 минути по натпревар.
Потоа Портланд му понуди договор што ќе го „врзе“ со клубот две сезони, од 2023 до 2025 година.
Минатата сезона, Минаха потпиша со Орландо Меџик, но не успеа да го направи своето деби во НБА. Наместо тоа, тој се приклучи на развојниот тим на Осеола Меџик, каде што одигра значајна улога.
Во 34 натпревари, тој имаше просек од 9,8 поени, 4,1 скока, 2,3 асистенции, 1,4 украдени топки и 1,1 блокади за 29,9 минути на теренот.
Во Минаха, каталонскиот клуб доби играч кој треба да донесе дополнителна енергија и дефанзивна цврстина, а договорот до 2028 година покажува дека Барселона смета на него на долг рок.


