Лука Стојановски е еден од најстандардните македонски репрезентативци во последните неколку квалификациски циклуси. Новиот кошаркар на МЗТ Скопје Аеродром повторно е во составот на Македонија и на стартот од вториот круг од претквалификациите, во кој нашата селекција во рамките на групата „Ф“ ќе се соочи со Австрија и Кипар.
Првиот предизвик е во недела, кога Македонија ќе гостува во Виена и ќе игра против селекцијата на Австрија.
По тренингот во Виена, Стојановски јасно ги постави очекувањата пред натпреварот.
„Очекувањата се да победиме. На секој натпревар што ќе го играме во наредниот период одиме на победа. Се подготвуваме, гледаме видеа, правиме тактика. Едноставно, имаме добра и комплетна екипа во овој момент. Победата, би го нарекол тоа, е единствениот императив пред нас.“, истакна тој.
Македонија во претходниот претквалификациски циклус имаше максимален ефект – шест победи на шест натпревари, резултати кои дополнително ја подигнаа самодовербата во националниот тим. Во новиот циклус, составот е дополнително засилен со приклучувањето на Ненад Димитријевиќ и Мозес Рајт.
„Тие победи и одиграните натпревари во овие претквалификации се голем плус за нас како екипа. Но и доаѓањето на одлични играчи како Ненад и Мозес ќе ни помогне во намерата да стигнеме до оние вистински квалификации.“, вели Стојановски.
Тој направи и кратка анализа на првиот противник во вториот круг од претквалификациите.
„Би рекол дека пред сè станува збор за шутерска екипа. Физички не се предоминантни, така што би рекол дека негуваат брза кошарка и дека имаат добар шутерски потенцијал“, истакна македонскиот репрезентативен бек.
Дуелот меѓу Австрија и Македонија, кој ќе биде прв за нашиот национален тим во вториот круг од претквалификациите за Евробаскет 2029, е закажан за утре, со почеток во 16:05 часот, во „Спорт Арената“ во Виена.


