Новак Ѓоковиќ го заврши својот настап на Ролан Гарос со пораз во третото коло од младиот Бразилец Жоао Фонсека. Иако водеше со 2:0 во сетови, по маратонскиот натпревар, Ѓоковиќ загуби со резултат 4:6, 4:6, 6:3, 7:5, 7:5, со што ја пропушти можноста да ја освои 25-тата Гренд слем титула во Париз. Тоа беше само втор пат во неговата кариера да изгуби натпревар откако водел со 2-0 и неговиот најран пораз на париска почва во последните 17 години.
На прес-конференцијата по натпреварот, Ѓоковиќ беше емотивен, но пред сè му призна на својот противник. „Беше одличен натпревар, тешко е да се изгуби по водство од 2-0 во сетови. Големи пофалби за Фонсека, тој беше подобар играч во важните моменти. Во петтиот сет беше одличен, наоѓаше неверојатни удари“, рече Ѓоковиќ.
„Не мислам дека направив многу грешки, едноставно беше подобар. Му честитав на мрежата и реков дека ја заслужува победата и дека треба да биде горд. Му посакав среќа. Нивото на тенис што го покажа го оправда големото внимание што го опкружува“, рече Ѓоковиќ, предвидувајќи светла иднина за Бразилецот. „Тој има потенцијал, тој е професионален и ги има сите предуслови за успех. Има сила, бразилската нација е зад него. Може да биде следниот голем играч и да ги освои најголемите трофеи, би сакал да го видам тоа.“
Ѓоковиќ призна дека физички паднал за време на натпреварот. „Ќе беше подобро да завршев во два сета, но не го направив тоа. Ми снема гориво. Не се чувствував добро на теренот. Во третиот сет, моето ниво на енергија падна. На крајот од четвртиот сет, мислев дека имам шанса, но тој одигра добри поени, нападна и сервираше добро“, анализираше тој.
„Сега гледајќи наназад, дали би направил нешто поинаку? Можеби… Секогаш има момент на одлука, и тој тргна на победа. Секој поен што му отиде во форхенд, тој силно удираше. Тој одговори на моите можности за брејк со три аса. Се што можам да кажам е – честитки“, додаде тој.
Кога го прашаа за состојбата на неговото рамо, тој беше краток: „Се обидувам да бидам оптимист, но штотуку излегов од теренот. Разочаран сум, таа емоција преовладува. Ќе видиме што ќе донесе денот.“
Коментирајќи го доаѓањето на новата генерација, Ѓоковиќ ги истакна квалитетите на Фонсека. „Не е невообичаено, доаѓаат млади, гладни и експлозивни тенисери. Фонсека е комплетен играч, а денес покажа дека има потенцијал за најголемите натпревари, особено затоа што остана смирен во клучните моменти.“
И покрај поразот, тој испрати силна порака за својот борбен дух. „Сакам да имав 19 години на теренот, но го туркав во пет сета. Секој што игра против мене на Гренд слем мора да ме победи. Тој витешки дух и борбата што ја носам во себе… Нема да престанам, дури и да сум на една нога. Нема да се откажам. Ако некој ме победи вака, тоа е затоа што морал да ме победи, нема да му дозволамлесна победа“
Кога директно го прашаа дали ќе се врати на Ролан Гарос следната година, Ѓоковиќ одговори: „Не знам…“ Сепак, тој нагласи дека е задоволен од својата игра со оглед на околностите. „Играв добар тенис со оглед на тоа што бев повреден и директно влегов во еден тежок Гренд слем. Нивото беше многу добро и бев среќен поради тоа, иако сега сум разочаран затоа што бев блиску до победа.“
Тој исто така им се заблагодари на публиката за нивната поддршка. „Имаше моменти кога не можев да стојам на нозе, а потоа ќе ги погледнев трибините и тие магично ќе ми го кренеа расположението. Кога ќе го отстранам разочарувањето, има многу работи за кои треба да се гордеам. Навистина сум благодарен за ова искуство“, заклучи Ѓоковиќ, а кога новинар го праша за „отворениот ждреб“, тој остро одговори: „Ќе ве сопрам веднаш! Изгубив во третото коло…“


