Шпанско-грузискиот ММА борец и поранешен непоразен шампион Иља Топурија (17-1) нема да се бори до крајот на 2026 година поради сериозни повреди на лицето здобиени во борбата против Џастин Геиџи (28-5), потврдија денес од неговиот стручен штаб.
По деталните прегледи во болница во Вашингтон, каде што Топурија беше примен веднаш по настанот на UFC во Белата куќа, беше утврдено дека борецот има фрактури на двете орбитални коски (очни вдлабнатини). Иако повредите се сериозни, медицинскиот тим објави дека нема да биде потребна хируршка интервенција, што се смета за најдобар можен исход во дадената ситуација.
– Добрата вест е дека операција не е потребна. Десното око е во полоша состојба од левото по исклучително тешката борба на тревникот на Белата куќа, но прогнозата е оптимистичка. Иља сега има потреба од мир и целосно закрепнување – се вели во соопштението на неговиот тим.
Претседателот на UFC, Дана Вајт, на прес-конференција изјави дека здравјето на борецот е приоритет.
– Моите планови за него се да си оди дома и да се одмори. Ова беше тешка ноќ за него и треба да одвои колку што му е потребно време – рече Вајт.
Топурија, кој го доживеа својот прв професионален пораз во овој натпревар, објави порака во која му честита на противникот, но и најавува реванш.
– Џастин, честитки. Рече дека ќе оставиш трага на моето лице и го направи тоа. Ми го извади видот од десното око во првата рунда, а до крајот на втората и од левото око. Нема изговори, бев во најдобрата форма во мојот живот, но синоќа беше твоја ноќ. Држи ја главата горе, ќе се опоравам и ќе се вратам помудар и поопасен. Нашата приказна е далеку од завршена – рече Топурија.
Иако првичните извештаи шпекулираа за подолга пауза, се очекува „Матадорот“ да се врати на тренинзите по процесот на рехабилитација, но неговото враќање во октагонот не се очекува пред почетокот на следната година.


