Аргентина, но и љубителите на фудбалот ширум светот, за момент останаа без зборови кога веста беше објавена во популарен пренос во живо: „Хорхе Меси, татко на најдобриот фудбалер на светот, Лионел Меси, почина“.
Веста, која Флоренсија Пења ја кажа со речиси лежерен, хумористичен тон, се прошири како шумски пожар на социјалните мрежи, предизвикувајќи паника и тага кај милиони фанови. Сепак, набрзо се покажа дека е лажна вест, која семејството Меси мораше итно да ја негира со официјално соопштение, наведувајќи дека Хорхе всушност „успешно се опоравува во дадената ситуација“.
Сè започна еден ден претходно, малку по 13 часот, додека Флор Пења ја заменуваше популарната водителка Марли, која беше во САД за да го следи Светското првенство. Без никаква проверка, потпирајќи се на гласини што наводно „ѝ шепнале по телефон“, таа започна кампања за дезинформации што ќе ја чини нејзината кариера на таа телевизиска станица.
Кога продукцијата ги сфати размерите на катастрофата, еден од продуцентите се обиде да се „извади“ велејќи дека веста не е потврдена.
Одговорот на водителката беше уште поскандалозен: „Се надевам дека не е вистина… Ми го нафрлија тоа на телефон, но не го видов. Тоа е она што се случува во комуникацијата денес, повеќе не разбираш што е лага, а што вистина“, се оправда таа преку смеа, без трошка професионална самокритика.
Реакцијата на јавноста беше брутална, но најтешкиот удар го зададе сопственикот на Luz TV, Николас Окиато. Тој издаде остра изјава од Соединетите Американски Држави.
– Она што се случи ме згрозува колку и вас. Тие не ме претставуваат мене, ниту она што сакаме да го пренесеме со нашата работа. Целосно се дистанцирам од ова, рече Окијато, а потоа направи радикален чекор: Флоренсија Пења и сите одговорни за оваа лажна вест беа веднаш отпуштени од каналот.
Иако овој скандал фрли огромна сенка врз нејзиното име, Флоренсија Пења не е ново лице во Аргентина. Напротив, таа е една од најпознатите актерки и комичари таму со кариера долга над 40 години.
Таа доби меѓународна слава по улогата на Моника Арџенто во хит серијата „Casados con hijos“ (аргентинската верзија на серијата „Married… with Children“). Таа глумеше во аргентинската адаптација на серијата „The Nanny“, како и во бројни филмови и театарски претстави, вклучувајќи ја и главната улога во мјузиклот „Pretty Woman“ во Буенос Аирес.
Родена во 1974 година, таа ја започна својата кариера како дете во програмата „Festilindo“. Денес, таа е мајка на три деца и е во брак со адвокатот Рамиро Понсе де Леон. Позната по својата отворена природа, таа често ги споделува своите политички ставови и детали од приватниот живот на Инстаграм.
Сепак, се чини дека овој пат нејзината потреба за „брзина“ и сензација отишла предалеку. Играњето со смртта на таткото на националниот херој на Аргентина, Лионел Меси, е грешка што нејзината публика, а и нејзините работодавци, барем засега, нема да ѝ ја простат.


