Македонската ракометна репрезентација вечерва (19 часот) во СЦ „Борис Трајковски“ ги започнува квалификациите за Европското првенство во 2028 година, кое ќе се одржи во Португалија, Шпанија и Швајцарија. Прв противник на избраниците на Кирил Лазаров е Луксембург, селекција против која Македонија традиционално има позитивен биланс и влегува во дуелот со фаворитска улога.
Целта на домашниот тим е јасна – квалификациите да започнат со победа пред својата публика и да се направи првиот чекор кон нов настап на континенталниот собир. Македонија има континуитет на учества на големите натпреварувања, а пласманот на ЕП 2028 би значел продолжување на таа традиција.
Селекторот Лазаров, сепак, предупредува дека фаворитската позиција мора да се потврди на теренот. Луксембург има нов селектор, искусниот Дидие Динар, а промената на стручниот штаб носи и одредена непознаница во однос на тактичкиот пристап на гостите.
„Нема да бегаме од улогата на фаворити, сепак треба да знаеме дека имаат нов селектор со големо искуство, докажан и токму затоа тука ќе барам малку претпазливост. Немаме никаков видео материјал на кој начин сега Луксембург би играл со Динар“, истакна Лазаров пред натпреварот.
Ново име во репрезентацијата
Во македонскиот состав се очекува внимание да привлече и Дмитро Горига, кој доби можност да настапува за националниот тим. Бекот, кој настапува за ПИК Сегед, е нова опција во ростерот на Лазаров и потенцијално засилување за претстојните квалификациски предизвици.
Капитенот Филип Кузмановски верува дека репрезентацијата е подготвена да го продолжи континуитетот на настапи на европските првенства.
„Изминатиов период покажавме континуитет на големите натпреварувања и сакаме да го продолжиме тоа. Се создаде една нова генерација, позрели сме, поискусни и нормално дека посакуваме сега да обезбедиме уште едно учество на Европско првенство“, порача Кузмановски.
И Марко Митев ја нагласи важноста од добар почеток, но и потребата од максимална концентрација против противник кој располага со млади и брзи ракометари.
„Фаворити сме, одиме на победа, сакаме да ја израдуваме публиката и со победа да стартуваме во квалификациите“, изјави Митев.
Првиот чекор пред гостувањето во Грција
Македонија и Луксембург досега одиграле шест меѓусебни натпревари, а сите шест завршиле со победа на македонската селекција. Последната пресметка во 2023 година заврши со триумф на Македонија од 28:23.
Сепак, вечерва не е важна само традицијата, туку и начинот на кој репрезентацијата ќе го отвори новиот циклус. По дуелот со Луксембург, Македонија во недела ја очекува гостување кај Грција, уште еден важен натпревар во групата во која се наоѓа и Шведска.
Победа во Скопје би донела самодоверба и добар залет пред следниот предизвик. Со поддршка од трибините и сериозен пристап од првата минута, македонските ракометари имаат можност квалификацискиот пат кон ЕП 2028 да го започнат на посакуваниот начин.


