Хрватската фудбалска репрезентација остана во трка за место во нокаут фазата на Светското првенство откако ја победи Панама со 1-0 во натпреварот од второто коло.
Натпреварот дополнително беше одбележан со големиот јубилеј на капитенот Лука Модриќ, кој го одигра својот 200-ти настап за репрезентацијата.
Единствениот гол на натпреварот го постигна Анте Будимир во 54-тата минута, со што Хрватска освои вредни три бода пред одлучувачките натпревари во групата.
По натпреварот, Модриќ не го криеше своето задоволство од победата, но и емоциите за неговиот јубилеј во дресот на репрезентацијата.
„Фала му на Бога, добивме три исклучително важни бода за нас. Сакавме да победиме, а играњето 200 натпревари во нашиот омилен дрес е нешто посебно. Имав впечаток дека игравме во одреден грч, што се чувствуваше во поголемиот дел од натпреварот, но како што одминуваше играта, имавме сè подобри моменти“, рече Модриќ.
Хрватскиот капитен нагласи дека верува оти триумфот против Панама ќе донесе дополнителна самодоверба на тимот во остатокот од натпреварувањето.
„Можеме само да напредуваме и се надевам дека оваа победа ќе го промени тоа. Неверојатно е да се стигне до 200 натпревари во нашиот омилен дрес и тоа ме прави горд. Никогаш не можев да сонувам дека ќе постигнам ваков јубилеј. Ви благодарам на сите за поддршката и честитките, како и на сите што ми помогнаа во текот на овие 200 натпревари“, рече Модриќ.
Еден од најдобрите хрватски фудбалери на сите времиња го одбележа својот јубилеј со победа, а благодарение на триумфот над Панама, Хрватска ги зачува своите шанси за пласман во следната фаза од Светското првенство.


