Меѓународната фудбалска федерација подготвува нов четиригодишен фонд од 5,5 милијарди евра, објави Асошиејтед Прес. Се очекува секоја од 211-те федерации да добие 21,5 милиони евра.
Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, го испрати предлогот до лидерите на шесте континентални фудбалски конфедерации на 28 септември. Се очекува конечниот план да биде финализиран на состанокот на Советот на ФИФА во декември, пред да биде испратен до Конгресот за одобрување во март следната година.
Според писмото до кое дојде АП, Инфантино рекол дека финансискиот успех на ФИФА треба да биде од корист за развојот на фудбалот и сите негови членови.
„Вашите предлози потврдуваат широк договор за фундаменталната цел, а тоа е дека финансискиот успех на ФИФА мора да им служи на фудбалот и на сите негови членови“, рече Инфантино.
Тој додаде дека верува оти може да се постигне одржливо решение кое ќе обезбеди соодветна поддршка за националните федерации и развојот на фудбалот низ целиот свет.

ФИФА има намера дел од приходите од последното Светско првенство да ги насочи кон развој на фудбалот преку националните федерации, континенталните конфедерации и други организации.
Првичниот план предвидуваше секоја национална асоцијација да добие 10 милиони долари, или околу 8,6 милиони евра, во текот на четири години. Новиот предлог го зголемува тој износ на 25 милиони долари, или 21,5 милиони евра.
ФИФА планира да издвои повеќе од 3,5 милијарди долари од своите резерви, зголемени од приходите од Светското првенство, на кое за прв пат учествуваа 48 екипи.
Се очекува приходите на ФИФА за финансискиот циклус 2022-2026 година да достигнат околу 15 милијарди долари, или 12,9 милијарди евра, што е значително повисоко од претходните проекции, според двајца службеници запознаени со планот, кои зборуваа под услов да останат анонимни.


