Женската кошаркарска репрезентација на Македонија денеска го отвора новиот репрезентативен циклус со гостувањето против Романија, а селекторот Виктор Петровски веќе го одреди составот со кој ќе се обиде да стигне до позитивен резултат во Букурешт.
По последниот тренинг во салата „Поливалента Рапид“, Петровски го скрати изборот на 12 кошаркарки кои ќе го започнат настапот во претквалификациите за Европското првенство во 2029 година.
Во ростерот за денешниот натпревар се: Ана Милованова, Сања Адамовска, Сара Максимовска, Марија Митева, Катерина Поп-Димитровска, Милица Николиќ, Теа Трајковска, Јана Пислевска, Јована Петрушевска, Глорија Груевска, Тијана Митрева и Цветанка Димова.
Македонија во овој циклус влегува со значително подмладен состав и нов селектор, во период кога приоритет ќе биде создавањето нова генерација која во иднина треба да го подигне нивото на женската кошарка. Меѓу повиканите е и Цветанка Димова, која повторно се враќа во националниот тим и очекува мотивирана и борбена Македонија.
Првиот противник е Романија, која ќе ја има предноста на домашниот терен. Натпреварот започнува во 17 часот по македонско време.
По гостувањето во Букурешт, македонските кошаркарки ги очекува и првиот домашен предизвик. На 14 ноември во Штип ќе ја пречекаат Естонија, во вториот натпревар од групата Ц.
За новиот состав на Петровски ова е можност уште на стартот да покаже дека подмладувањето може да донесе нова енергија и конкурентност, иако за создавање стабилна репрезентација ќе биде потребно време и континуитет.


