Лето на големи промени може да следи за кошаркарскиот клуб Реал Мадрид по сезоната во која еден од најголемите европски гиганти, ако не и најголемиот, остана без ниту еден трофеј.
Иако мадридскиот тим се претстави многу добро во текот на регуларната сезона на АЦБ лигата и успеа да се квалификува за Фајналфорот на Евролигата, а потоа и да избори место во финалето, каде што тесно загуби од Олимпијакос, крајот на сезоната не ги донесе посакуваните резултати. Главен проблем беа повредите на клучните играчи, пред сè Валтер Таварес и Усман Гаруба, чие отсуство значително влијаеше на перформансите на тимот.
Според шпанска „Марка“, тренерот Серхио Скариоло сè уште ужива доверба кај претседателот на клубот, Флорентино Перез. Освен фактот дека разделбата со италијанскиот стручњак би претставувала значителен финансиски трошок, Реал верува дека повредите биле една од главните причини зошто сезоната не завршила со трофеи.
Сепак, промените во другите сегменти на клубот се веќе на повидок. Според шпанските медиуми, Хуан Карлос Санчез треба да се врати на позицијата спортски директор. Тој е човек кој 15 години имаше важна улога во Реал, пред минатата година да биде наследен од легендарниот Серхио „Чачо“ Родригез, чија иднина сега е доведена во прашање.
Ова е воедно и прва сезона по 15 години во која кошаркарите на Реал не освоија ниту еден трофеј, па затоа раководството на клубот е решено да реагира. Шпанските медиуми објавуваат дека анализата на работата би можела да вклучи и одредени членови на службата за скаутинг, вклучувајќи ги клупските легенди Руди Фернандез и Фелипе Рејес, како и поранешниот литвански репрезентативец Мартинас Почиус.
Враќањето на Санчез, човек на кого Флорентино Перез му верува многу, би можело да означи почеток на многу поширока реконструкција, а не е исклучено дека значајни промени ќе се случат и во играчкиот кадар на мадридските гиганти во текот на летото.


