Ламин Јамал продолжува да руши рекорди и самоуверено да го запишува своето име во историјата на светскиот фудбал. Синоќа, десното крило додаде уште едно незаборавно достигнување во својата кратка, но исклучително продуктивна кариера. Со голот против тимот на Унаи Емери, Астон Вила, на стадионот „Спотифaj Камп Ноу“, напаѓачот на „блауграна“ самостојно ја предводи ранг-листата за најпродуктивен играч под 20 години во Лигата на шампионите. Досега, тој го делеше првото место со Килијан Мбапе со 13 прецизни шутеви, но сега има 14 гола на своето име.
Шпанскиот интернационалец постигна 5 гола на најсилниот европски клупски турнир во сезоната 2024/2025, додаде 6 во кампањата 2025/2026, а оваа сезона веќе има 3 прецизни шутеви по головите против Феенорд, ПСЖ и Астон Вила. Сепак, ова не е единствениот рекорд со кој 19-годишниот талент може да се пофали на турнирот на богатите.
Lamine Yamal has now scored more Champions League goals than any other teenager in the competition’s history (14).
Kylian Mbappé’s record has been broken. 🤯 https://t.co/W8jLYVyymm
— Squawka (@Squawka) November 3, 2026
Листата на индивидуални достигнувања на крилниот напаѓач е извонредна. Меѓу неговите најимпресивни показатели во престижното натпреварување се:
Најмлад стартер во историјата на турнирот (16 години и 83 дена); Најмлад играч кој достигнал 10 одиграни натпревари (16 години и 278 дена); Најмлад играч со гол и асистенција во еден натпревар (17 години и 241 ден); Најмлад играч со 20 запишани натпревари на турнирот (17 години и 270 дена); Најмлад стрелец во полуфиналната фаза (17 години и 291 ден); Фудбалер со најмногу постигнати голови пред да наполни 19 години (11 гола).
И покрај неговата извонредна серија, Ламин Јамал не го држи рекордот за најмлад дебитант во историјата на натпреварувањето. Тоа достигнување останува кај талентот на Арсенал, Макс Дауман, кој го имаше своето деби на турнирот на 4 ноември 2025 година, на возраст од 15 години и 308 дена.


