Лос Анџелес Клиперси, нивниот сопственик Стив Балмер и најголемата ѕвезда на екипата, Кавај Ленард, се најдоа под истрага на американските федерални власти поради спорни деловни договори во кои биле вклучени и компании од трети страни.
Како што пренесува „Њујорк тајмс“, американското Јавно обвинителство покренало истрага откако НБА утврдила дека Клиперси, Балмер и Ленард ги прекршиле правилата на лигата и дека на кошаркарот преку посреднички компании му биле исплатени повеќе десетици милиони долари.
Се сомнева дека на тој начин биле користени своевидни „невидливи тунели“ за Ленард да добие пари надвор од договорот со Клиперси и ограничувањата што ги пропишува НБА.
Федералната истрага ја води канцеларијата на обвинителството на Источниот округ на Њујорк во Бруклин, која претходно работеше на неколку големи случаи на криминал поврзани со професионалниот спорт.
Еден од најпознатите се случил во 2007 година, кога ФБИ го истражуваше НБА-судијата Тим Донахју поради обложување на натпреварите што ги судел, поради што подоцна и беше осуден.
Истата канцеларија го истражува и случајот на Ченси Билапс и неговата наводна вмешаност во илегални партии покер поврзани со познати њујоршки мафијашки семејства.
„Њујорк тајмс“ наведува дека засега не е познато колку е широка истрагата, кои се точно нејзините мети, ниту кои потенцијални кривични дела ги истражуваат обвинителите.
Според изворите на американскиот весник, обвинителите веќе издале најмалку еден судски налог за доставување документација. Сепак, покренувањето на истрагата не значи автоматски дека против било кој ќе биде подигнато кривично обвинение.
Целиот случај претходно ја разниша НБА-лигата.
Истрагата на НБА утврдила, според наводите на лигата, образец на недолично однесување и повеќекратни сериозни кршења на правилата од страна на Клиперси, франшиза која и претходно била казнувана поради обиди за заобиколување на правилата за селери-кеп.
Поради тоа беа изречени една од најтешките казни во историјата на лигата.
На Клиперси им беа одземени дури пет пика од првата рунда на драфтовите од 2029 до 2033 година, што би могло да остави огромни последици врз иднината и конкурентноста на франшизата.
Балмер беше казнет со 30 милиони долари и суспендиран на една година, додека санкции добија и одредени членови на раководството на Клиперси.
Ленард е казнет со 700.000 долари, додека неговиот вујко и деловен партнер Денис Робертсон доби петгодишна забрана за деловно работење со НБА-лигата.
Клиперси и Балмер ги отфрлија заклучоците од истрагата на НБА и најавија дека ќе ги искористат сите расположливи правни средства за да ја оспорат одлуката на лигата, која ја нарекоа „голема неправда“.
Сега, меѓутоа, целиот случај доби нова и многу сериозна димензија, бидејќи во приказната се вклучија и американските федерални власти.


