Актуелниот освојувач на ЕХФ Европскиот куп, ГРК Охрид, го дозна својот противник во третото коло од европското натпреварување. Ждрепката во Виена го спои тимот на српскиот тренер Борис Ројевиќ со литванскиот шампион Драгунас од Клајпеда. Првиот натпревар ќе се игра во Литванија на 21 или 22 ноември, додека реваншот е закажан за седум дена подоцна во Охрид.
Тренерот на тимот, Борис Ројевиќ, за Balkan-Handball изјави дека е задоволен од ждрепката и од фактот што повторно ќе имаат можност да се борат за пласман во следната рунда.
-Драгунас Клајпеда е најдобриот литвански тим, актуелен шампион на својата земја, кој има искуство и квалитет, што го покажаа во претходното коло со победите против чешкиот претставник Зубри. Како и во минатото коло, ја преземаме улогата на фаворити, но мора да ја оправдаме на теренот. Го почитуваме противникот и не смееме да го потцениме во ниту еден момент, истакна тој, додавајќи:
„Нашите амбиции во Европа се јасни, сакаме да влеземе во секој натпревар со цел да победиме и да одиме што подалеку. Свесни сме дека е многу потешко да се одбрани освоеното отколку да се стигне до трофејот, но веруваме во нашиот квалитет и сакаме да постигнеме добар резултат и оваа сезона“.


