Гранит Џака нема да биде дел од швајцарската репрезентација на претстојните собири и натпревари од Лигата на нации. Одлуката е донесена во договор помеѓу играчот од средниот ред на Сандерленд и првиот човек на Швајцарската фудбалска федерација, откако играчот одлучи јавно да го разјасни случајот од периодот на пандемијата на коронавирусот.
Џака објасни на Инстаграм дека за време на пандемијата имал сериозни дилеми во врска со вакцинацијата против Ковид.
„Во тоа време, кога стануваше збор за вакцинацијата против Ковид 19, јас лично бев многу несигурен и имав сериозни сомнежи. Чувствував длабока недоверба кон вакцината и бев под влијание на стравови и несигурности“, напиша Џака.
Швајцарскиот интернационалец потоа отворено проговори за своите постапки и призна дека во тој период добил сертификат за вакцинација.
„Во таа емоционално вознемирена состојба, купив сертификат за вакцинација наместо да ги разјаснам моите сомнежи преку пропишаните канали. Денес јасно гледам дека тој пат не беше правилен. Беше грешка. Жал ми е“, рече Џака.
Фудбалерот на Сандерленд додаде дека е подготвен случајот целосно да се разјасни и да соработува со надлежните институции.
Џака, осомничен за лажни сертификати за Ковид, се соочува со казна затвор до пет години.
„Подготвен сум целосно да ги разјаснам фактите и да соработувам со надлежните органи“, рече Џака.
Претседателот на Швајцарската фудбалска асоцијација, Петер Кнабел, потврди дека одлуката за исклучување на Џака е донесена заеднички.
„Заедно дојдовме до заклучок дека е во интерес на тимот да го одржиме овој собир без него“, рече Кнабел.
Целта на федерацијата, како што е наведено, е да се намалат тензиите околу случајот и да се задржи фокусот на претстојните натпревари од Лигата на нации. Сè уште нема конечна одлука за тоа што ќе се случи со Џак и неговиот статус во националниот тим.
„Откако ќе заврши овој репрезентативен период, ќе ја преиспитаме ситуацијата заедно со Гранит и ќе разговараме што да правиме понатаму“, заклучи Кнабел.


