Одлуката на ФИФА да воведе задолжителни паузи за хидратација за време на Светското првенство предизвика бројни реакции кај навивачите, а многумина веруваат дека тоа е уште еден чекор кон понатамошна комерцијализација на фудбалот.
За време на натпреварите од Светското првенство, паузите за вода се воведуваат во двете полувремиња, обично помеѓу 22-та и 24-та минута, и траат по три минути. ФИФА ја оправда оваа практика со грижата за здравјето на играчите и нивната заштита од високи температури, особено на натпреварите што се играат во текот на денот.
Сепак, значаен дел од фудбалската јавност верува дека ваквите паузи го нарушуваат ритамот на натпреварите и го намалуваат нивниот натпреварувачки интензитет.
За разлика од ФИФА, УЕФА не е подготвена да го следи истиот модел. Според британски „Телеграф“, европската куќа на фудбалот нема да ги менува постојните правила за своите идни натпреварувања, вклучувајќи ја Лигата на шампионите и Европското првенство во 2028 година.
Ова значи дека паузите за хидратација нема да бидат задолжителни на секој натпревар, туку ќе се воведуваат само во случаи кога временските услови навистина го бараат тоа.
УЕФА истакнува дека веќе постои прецизно дефиниран систем за проценка на условите за играње. Делегатот на натпреварот ја мери температурата на теренот, по можност со термометар WBGT, кој ги зема предвид температурата на воздухот, влажноста и сончевото зрачење. Во исклучителни ситуации, може да се користи и стандарден термометар. Мерењата се земаат во висина на главата на играчот, најмалку еден метар во границите на теренот.
Овој став на УЕФА веројатно ќе наиде на одобрување од голем број навивачи, кои уште во текот на првата недела од Светското првенство изразија незадоволство од честите прекини и нивното влијание врз текот на натпреварите.


