Светот на фудбалот доби една од најголемите вести ова лето – Жозе Мурињо повторно на клупата на Реал Мадрид.
Управниот одбор на кралскиот клуб, на состанок со кој претседаваше новиот/стариот претседател Флорентино Перез, го назначи португалскиот стручњак за тренер на првиот тим за следните три сезони, до 30 јуни 2029 година.
👋 ¡Bienvenido, Mourinho! 👋 pic.twitter.com/iLce8neamx
— Real Madrid C.F. (@realmadrid) June 11, 2026
Мурињо официјално ќе ја преземе функцијата на 13 јули, кога ќе започнат подготовките на Реал за новата сезона, се вели во соопштението на клубот.
Ова означува почеток на втора ера за еден од најтрофејните тренери на 21 век на „Сантијаго Бернабеу“. Мурињо претходно го водеше Реал Мадрид од 2010 до 2013 година, освојувајќи ја титулата во шпанското првенство, Купот и Суперкупот на Шпанија, а беше запаметен по своите рекордни 100 бода во Ла Лига во текот на сезоната 2011/12.
Враќањето на Португалецот беше предмет на многу шпекулации во последните недели, а конечниот исход дојде откако Бенфика потврди дека Реал Мадрид ја активирал откупната клаузула од 15 милиони евра за да го доведе искусниот менаџер.
Португалскиот клуб, исто така, објави дека наследник на Мурињо ќе биде Марко Силва.
Враќањето на Мурињо беше едно од главните ветувања на Флорентино Перез за време на неговата претседателска кампања, а по неговата изборна победа, беа создадени услови за реализација на договорот.
Реал Мадрид го направи овој чекор по две сезони без големи трофеи, во период во кој големиот ривал Барселона доминираше во домашните натпреварувања.
Затоа Мадрид верува дека искусниот Мурињо би можел да го врати победничкиот менталитет и повторно да го направи клубот конкурентен на сите фронтови.

Шпанските и англиските медиуми објавуваат дека Португалецот веќе започнал да планира реконструкција на тимот, а дефанзивците Ибрахима Конате и Дензел Дамфрис се споменуваат како потенцијални засилувања, додека дополнителни трансфери се очекуваат за време на летниот преоден рок.
Мурињо во текот на својата кариера ги водеше Порто, Челsи, Интер, Реал Мадрид, Манчестер Јунајтед, Тотенхем, Рома, Фенербахче и Бенфика, освојувајќи трофеи во четири различни земји.
Неговото враќање на Бернабеу несомнено ќе биде една од најголемите приказни пред почетокот на новата европска сезона.
Останува да се види дали „Специјалниот“ ќе може да ги повтори успесите од својот прв мандат и да го врати Реал Мадрид на самиот врв на европскиот фудбал.


