Ракометарите на Вардар 1961 го завршија натпреварувањето во Лигата на шампионите на ЕХФ со нерешен резултат против германскиот Мелсунген од 26:26 (14:12). По четири последователни порази на почетокот од групната фаза, македонскиот шампион покажа квалитет во последните две кола, прво со голема победа на гости кај Нант (33:27), а потоа и со освојување бод против германскиот претставник.
Вардар на тој начин се збогува од елитното европско натпреварување со три бода, една победа, едно реми и четири порази, со впечаток дека можеше да направи повеќе. Екипата на Иван Чупиќ беше рамноправен ривал на противниците во поголемиот дел од групната фаза, но недостатокот на искуство и грешките во одлучувачките моменти скапо ги чинеа црвено-црните.
Тренерот на Вардар, Иван Чупиќ, не го криеше разочарувањето од конечниот резултат, но го нагласи задоволството од карактерот што го покажа неговиот тим.
„Им честитам на Мелсунген за пласманот во следната фаза и им се заблагодарувам за фер натпреварот. Бевме блиску, но на крајот повторно плативме скапа лекција. И на овој натпревар беше јасно дека тимот покажува одличен карактер, дека сите се како еден и дека сме вистински тим. По шест натпревари, можам да кажам дека ни недостасуваше малку искуство, дури и среќа. Не сум задоволен само од бројот на освоени бодови во оваа група, туку генерално се претставивме во одлично светло. Македонскиот и балканскиот ракомет се претставија како навистина добри“, рече Чупиќ.
Хрватскиот стручњак смета дека Вардар заслужил повеќе од постигнатиот резултат, особено имајќи го предвид начинот на кој играа против поквалитетни европски противници.
„Ако го исклучиме натпреварот против Висла дома, во сите натпревари бевме конкурентни до самиот крај. Што се однесува до резултатите, не можеме да бидеме задоволни. Дали беше реално да се продолжи понатаму или не, нека проценат другите. Вардар е семејство кое секогаш сака повеќе отколку што може, па може да се каже дека не успеавме да ја постигнеме нашата внатрешна цел.“
Анализирајќи го натпреварот против Мелсунген, Чупиќ особено го пофали дефанзивниот сегмент од играта.
„Мислам дека бевме многу добри во одбраната, во сите варијанти. Во нападот имавме некои проблеми со шутирањето, а подоцна со пониските играчи бевме многу пофлуидни. Како и секогаш во Лигата на шампионите, секоја грешка и секој детаљ чини многу. Ќе го земеме ова реми како искуство, прво јас како тренер, а потоа и сите други.“
Вардар ќе ја продолжи европската сезона во осминафиналето на ЕХФ Лигата на Европа, каде што ќе имаат статус на неносител. Чупиќ, сепак, не сака да зборува за амбициите додека не се знаат потенцијалните противници.
„Тешко е да се зборува за Лигата на Европа додека не знаеме кои се нашите ривали. Додека не заврши групната фаза, не можеме да планираме. Ќе се обидеме да се претставиме во добро светло таму и ќе одиме чекор по чекор“, заклучи тренерот на македонскиот тим.


