Арсими новата сезона во Првата македонска фудбалска лига ќе ја започне со гостување кај Тиквеш во Кавадарци. По успешното деби во елитното друштво, тимот во својата втора сезона меѓу најдобрите влегува со јасна цел, пласман во горниот дел од табелата.
Во пресрет на првиот натпревар, тренерот на Арсими, Вилдан Салиу, изрази задоволство од сработеното во подготвителниот период.
„По неколку недели интензивни подготовки можам да кажам дека сме задоволни од начинот на кој помина пред сезонската фаза. Играчите работеа максимално посветено на секој тренинг, покажувајќи дисциплина, професионализам и желба секојдневно да напредуваат“, изјави Салиу.
Арсими во текот на подготовките одигра и повеќе пријателски натпревари, кои му послужија на стручниот штаб за тестирање на тактичките замисли и за подобрување на воигрувањето на тимот.
„Резултатите од овие натпревари беа важни, но уште поважен беше напредокот што тимот го покажа од ден на ден. Секако, има уште сегменти во кои можеме да се подобриме, но тоа е нормално на почетокот од сезоната“, додаде шефот на стручниот штаб на гостиварци.
Салиу нагласи дека целиот тим е максимално фокусиран на стартниот дуел против Тиквеш.
„Нашиот фокус сега е целосно насочен кон отворањето на сезоната против Тиквеш во Кавадарци. Максимално го респектираме противникот и знаеме дека нè очекува тежок натпревар, но имаме доверба во работата што ја направивме во овој период. Верувам дека екипата е подготвена физички, тактички и психолошки за да ја започне сезоната на најдобар можен начин“.
На крајот Салиу порача дека Арсими ќе даде максимум за достоинствено да ги претставува клубот и навивачите.
„Ќе го дадеме нашиот максимум на теренот за достоинствено да ги претставуваме клубот, градот и нашите навивачи. Се надеваме дека со посветеност, карактер и натпреварувачки дух ќе оствариме позитивен резултат во Кавадарци и ќе ја започнеме сезоната со победнички чекор. Арсими во новата сезона сака да го продолжи својот развој и да се наметне како еден од сериозните кандидати за место во горниот дел од табелата во ПМФЛ“, вели тој, цитиран од ФФМ.
Натпреварот се игра на Градскиот стадион во Кавадарци, а почетокот е закажан за 17 часот.


