Поранешниот претседател на УО на Баерн, Оливер Кан, ги критикуваше челниците на клубот за јавната дискусија за можно намалување на платата на Џамал Мусијала, кој страда од кратки невролошки испади на свест.
Кан (57), кој бранеше за Баерн 632 пати како голман и беше во одборот на клубот од 2020 до 2023 година, зборуваше во среда вечерта на панел-дискусија во Магдебург, објави „Спорт Билд“.
„Колку и да изгледа драматично сето ова сега, може да се третира и верувам дека Џамал може да живее со тоа. Исто така, верувам дека тој ќе може повторно да игра врвни натпревари“, рече Кан.
Болеста на 23-годишниот германски репрезентативец стана јавна откако тој двапати се сруши на теренот во август. Неколку челници на Баерн јавно го поставија прашањето дали Мусијала треба да ја задржи сегашната плата ако трајно не е во можност да игра на исто ниво. Карл-Хајнц Румениге отиде најдалеку. По ремито 1:1 против Келн, тој за Скај изјави дека ако Мусијала повеќе не е „стариот Јамал“, треба да разговара со играчот, семејството и агенцијата. Клубот во среда објави соопштение во кое се наведува дека Мусијала има целосна поддршка.
„Постои важечки договор. Тоа е почетната позиција. А сега да се изврши притисок врз играчот и преку јавноста, така да се каже, да се повика на пристојност да се откаже од дел од платата, тоа е токму апсурдно во оваа ситуација“, рече Кан.
Сепак, тој разбира дека клубот мора да размисли за сите можности.
„Клубот мора да размисли, клубот мора да ги пресмета сите сценарија зад затворени врати. Но, кога нешто ќе протече во јавноста, клубот мора да остави впечаток дека стои илјада проценти зад својот играч и дека тој ќе го надмине тоа“, рече тој.
Она што најмногу го мачи е што сè се дискутира јавно.
„Зошто нешто вакво стана јавно сега, треба да се прашаат одговорните. Тоа е нешто што припаѓа на управата и треба да остане таму. Зошто стана јавно?“, праша Кан.


