Козо Ташима, почесниот претседател на Јапонската фудбалска асоцијација, изјави дека ќе служи само еден мандат ако победи на изборите за претседател на меѓународното фудбалско тело (ФИФА) против Џани Инфантино.
Јапонецот претходно овој месец објави дека ќе се кандидира за оваа позиција како директен противник на Инфантино, кој е критикуван за неговите обиди да ја отвори ФИФА за приватни инвеститори и за создавање награда за мир доделена на американскиот претседател Доналд Трамп. Изборите, кои ќе се одржат во март, ќе бидат прв пат од 2016 година Џани Инфантино да мора да се бори со друг кандидат за функцијата, откако тој беше единствен кандидат во 2019 и 2023 година.
„Што се однесува до кандидатурата, би сакал да кажам дека мојот единствен план, дури и ако бидам успешен, е да ја преземам претседателската функција четири години“, изјави Ташима, цитиран од Ројтерс. Тој додаде дека неговиот фокус ќе биде на „правење на потребните промени во управувањето со ФИФА“, особено во нејзиниот процес на донесување одлуки, за кој рече дека треба да биде потранспарентен.
Од своето основање во 1904 година, ФИФА имала девет претседатели, од кои шестмина ја воделе повеќе од 10 години, а Французинот Жил Риме ја држел функцијата повеќе од три децении помеѓу 1921 и 1954 година.
Во 2015 година, извршниот комитет на организацијата одобри реформи што вклучуваа ограничување на претседателите на максимум 12 години на функцијата поради голем корупциски скандал во кој биле вмешани голем број врвни личности на ФИФА.


