Хрватскиот кошаркар Марио Хезоња официјално го потврди своето заминување од Реал Мадрид по четири сезони. Во емотивно писмо, тој се збогува со клубот и навивачите и ќе ја продолжи својата кариера во НБА, со Кливленд Кавалирс.
El Real Madrid no se deja, se lleva para siempre. pic.twitter.com/ITGwkfGYgC
— Mario Hezonja (@mariohezonja) August 6, 2026
По неколку недели шпекулации, Марио Хезоња официјално го потврди своето заминување од Реал Мадрид, ставајќи крај на успешниот четиригодишен престој во „кралскиот клуб“.
За време на неговиот престој во Мадрид, тој стана еден од клучните играчи и миленик на навивачите, а неговото заминување во Кливленд дојде и покрај претходните најави за продолжување на неговата соработка.
Во своето проштално писмо, хрватскиот кошаркар нагласи дека ќе ги памети само добрите моменти од Мадрид.
„По долго размислување во текот на изминатиот месец, решив да се држам до добрите работи. За време на мојот престој во Мадрид, имав среќа да ја делам соблекувалната и животот со извонредни соиграчи и тренери, луѓе со кои знам дека ќе одржувам доживотна врска“, сподели Хезоња во X.
Тој особено ја нагласи силната врска што ја изгради со навивачите на мадридскиот клуб.
„Успеав да постигнам нешто многу тешко, нешто што ќе го носам со себе со многу почит и љубов до крајот на мојот живот – врската со Мадридистите. Имаше ноќи кога сигурно ве излудував со шут што само Марио можеше да го изведе, а имаше ноќи кога вие ме излудувавте мене. Претпоставувам дека така се сите врски што се навистина важни.“
Нагласи дека неговото време во Реал Мадрид го променило како играч и како личност.
„Пораката тука ми беше јасна од првиот ден: да освоиме сè. И го направивме тоа – натпревари, битки, војни, титули… СÈ! Но, ако некој ме освои засекогаш, тоа бевте вие. Комбинацијата на мојот менталитет, карактер, личност и натпреварувачки дух со ДНК-та на Реал Мадрид е, без сомнение, едно од најдобрите нешта што ми се случиле во животот“, нагласи Хезоња.
Тој ја опиша одлуката да го напушти клубот како едно од најтешките во неговата кариера.
„Сè сфатив многу брзо, можеби дури и порано отколку што замислував. Ова беше моето место, но дојде моментот за кој мислев дека никогаш нема да дојде – да го напуштам Реал Мадрид, да го напуштам мојот дом. Одлуката не произлезе од недостаток на вашата љубов или желба да продолжам да се борам за овој грб, туку од околности што ме наведоа да тргнам по друг пат“, објасни Хезоња.
На крајот од писмото, тој им се заблагодари на раководството на шпанскиот клуб.
„Исто така, би сакал да му се заблагодарам на претседателот Флорентино Перез и на сите луѓе што работат во клубот за овие прекрасни години. Им благодарам и на Алберто Херерос и Руди Фернандез за професионализмот и љубезните зборови што секогаш ги имаа за мене, и приватно и во медиумите“, рече хрватскиот кошаркар.
Хезоња го заврши писмото со порака што ја остава вратата отворена за враќање во иднина.
„Сега го продолжувам моето патување со истиот ентузијазам и амбиција со кои пристигнав. Веќе ме познавате. Се надевам дека нашите патишта еден ден повторно ќе се вкрстат. Ви посакувам се најдобро и ќе го следам тимот одблизу, секогаш. ВИ БЛАГОДАРАМ! HALA MADRID И НИШТО ПОВЕЌЕ!“, заклучи Хезоња.
Марио Хезоња освои шест трофеи во четири сезони со Реал Мадрид – една Евролига, две титули во шпанското првенство, еден Куп и два шпански Суперкупа.
Тој се збогува со Мадрид како актуелен МВП на шпанското првенство, откако минатата сезона имаше просек од 17,5 поени, 4,9 скока и 1,9 асистенции по натпревар.


