Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ зборуваше пред Мастерсот во Париз. Овој тип на турнири се важни, но Гренд слемовите се негов приоритет во оваа фаза од неговата кариера.
„Гренд слем турнирите се, секако, сè уште најважните турнири што ги имаме. За мене, но мислам и за 99 проценти од играчите. Тие се историските столбови на нашиот спорт, турнири каде што сакате да го играте вашиот најдобар тенис и да го запишете вашето име во книгите по историја. Сè уште сакам да го дадам својот максимум на Гренд слем турнирите, но секако би сакал да играм добро и на други турнири“, рече Ѓоковиќ.
Новак во последно време имаше и физички проблеми.
„Оваа година, искрено, фокусот се префрли од добро играње кон добро чувство на теренот. Не сум играл многу турнири, а на повеќето од оние на кои сум играл имав големи здравствени проблеми. Се мачев многу физички и тоа нема никаква врска со моите подготовки или дали тренирам доволно. Гледам дека многу луѓе сакаат да дадат свои експертски мислења и мислат дека точно знаат што се случува со мене. Но, не знаат“, рече Новак.
Новак неодамна го освои турнирот во Пекинг.
„Пекинг беше мојата најдобра недела оваа година, ако ја исклучиме Австралија. Мислам дека играв доста добро и во Базел. Секако, загубив тесен натпревар, но сега само се обидувам да уживам во последните неколку недели од сезоната на теренот. Пред се, сакам да се чувствувам подобро, како што реков, а потоа ќе дојдат резултатите. Ќе видиме што ќе се случи потоа“, рече Новак.
Ѓоковиќ ќе го започне турнирот во Париз во вторник против Валентин Вашеро.


