Двократниот светски шампион во Формула 1, Фернандо Алонсо (45), повторно ќе се натпреварува на едно од најсложените автомобилски натпревари во светот, релито Дакар, кое ќе се одржи во Португалија и Мароко во јануари 2027 година.
Шпанецот ќе се натпреварува за Астон Мартин, тимот чии бои ги брани и во Формула 1, и ќе биде зад воланот на специјално подготвено возило „Дредноут“. Тоа ќе биде прво појавување на британскиот производител на познатото рели, каде што ќе има дури три екипажи.
Алонсо ќе го има за совозач Марк Кома, петкратен победник на Дакар во категоријата мотоцикли, со кого соработуваше и за време на неговото прво појавување во 2020 година.
Во тоа време, Шпанецот, возејќи Тојота, го освои 13-то место во генералниот пласман, повеќе од четири и пол часа зад победникот Карлос Саинц. За време на релито, тој имаше неколку проблеми, вклучувајќи превртување на возилото во десеттата етапа.
Овој пат, Алонсо ќе пристигне на Дакар како активен возач во Формула 1, откако го продолжи договорот со Астон Мартин во септември.
„Откако решив да ја продолжам кариерата во Формула 1 со Астон Мартин, сериозно размислував за Дакар. На крајот, одлуката беше едноставна. Сакав да го прифатам предизвикот и да се натпреварувам во Формула 1 и во Дакар во истата година“, рече Алонсо.
Dakar 2027. A first for @AMR_Official, with a familiar face in the line-up.
@alo_oficial will join Sébastien Loeb and Lucas Moraes as they take on one of motorsport’s toughest challenges. We’ll be cheering them on!
Find out more: https://t.co/TuwxBbfwKe https://t.co/bJFbP4ewqG
— Aston Martin Aramco F1 Team (@AstonMartinF1) November 17, 2026
Астон Мартин ќе има исклучително силен состав на релито. Покрај Алонсо, британскиот тим ќе го возат деветкратниот светски шампион во рели Себастијан Леб, како и актуелниот светски шампион во рели-рејд – Лукас Мораеш.
Интересно е што „Дредноут“ првично беше дизајниран како виртуелно возило за видео играта „Call of Duty: Modern Warfare 4“, а сега, со помош на британската компанија Prodrive, ќе биде трансформиран во натпреварувачки автомобил.
Екстремните предизвици не се непознати за Алонсо. За време на неговата пауза од Формула 1, од 2019 до 2021 година, тој се посвети на други автомобилски натпревари. Тој двапати ја освои престижната трка 24 часа Ле Ман, а славеше и на трката 24 часа Дејтона. Се обиде и на легендарната 500 милји во Индијанаполис, но без успех.
„Формула 1 останува мој приоритет. Сепак, јас сум тркач и токму за вакви предизвици сакам да се натпреварувам. Со нетрпение ја очекувам можноста да видам што можеме да постигнеме“, рече Алонсо.
Дакар ќе се одржи во 2027 година од 9 до 23 јануари, а организаторите одлучија да го преместат натпреварувањето од Саудиска Арабија поради безбедносната ситуација на Блискиот Исток.
Натпреварувачите ќе се соочат со 12 етапи, почнувајќи од Португалија и завршувајќи во Маракеш. Тоа ќе биде и враќање на легендарното рели на африканскиот континент, за прв пат од 2007 година.


