Олимпија Љубљана не чекаше долго за да избере нов тренер. Само еден ден откако се раздели со Миша Бречко, словенечкиот шампион го назначи Југослав Тренчовски за нов главен тренер.
Според „Спортклуб Словенија“, 49-годишниот македонски стручњак веќе потпишал договор со раководството на клубот и ќе го има својот прв тренинг со тимот во текот на денот.
Тренчовски пристигнува во Љубљана од Радомље, каде што постигна забележителни резултати во словенечката Прва лига. Тој го напушти клубот затоа што сакаше да направи чекор напред во својата кариера, а Радомље му се заблагодари за успешната работа и му посака среќа во продолжението на тренерското патување.
„За жал, во фудбалот секоја добра приказна завршува, а последица од толку успешната сезона беше големиот интерес на поголемите клубови за нашиот главен тренер. Му благодариме од срце и му посакуваме многу среќа и успех во продолжението на неговата тренерска кариера. Веруваме дека нашите патишта повторно ќе се вкрстат“, велат од Радомље.
За Тренчовски, ова ќе биде најголемиот предизвик во неговата кариера досега, бидејќи тој го презема еден од двата најтрофејни словенечки клуба. Според словенечките медиуми, Олимпија покажала интерес за македонскиот стручњак уште во летото.
За време на тренерската кариера, Тренчовски водеше неколку македонски клубови, меѓу кои Хоризонт Турново, Кожуф Миравци, Беласица и Академија Пандев, работеше и во Кувајт на клупата на Ал-Арабија, како и во Бангладеш кај Шеик Расел.
Тој беше и селектор на репрезентацијата на Македонија до 19 години.


