Сер Дејвид Бекам докажа дека може да го пренесе својот успех од фудбалскиот терен во светот на бизнисот. Поранешниот ас на Манчестер Јунајтед заработува околу 17.250 фунти (20.598 евра) дневно благодарение на парфеми, производи за после бричење и други луксузни брендови.
Според финансиските извештаи, неговиот бизнис минатата година остварил приход од 6,3 милиони фунти, од кои 5,4 милиони фунти биле профит. Компанијата има 7,9 милиони фунти во готово, додека нејзината актива се проценува на 10,4 милиони фунти.
Еден од најпознатите производи од неговата колекција е парфемот „Instinct“, а во понудата се вклучени и „Classic Blue“, „True Instinct“, „Bold Instinct“ и „Classic Homme“. Цените на производите за после бричење се движат од 12 до 50 фунти.
– Секој што го запознал Дејвид знае колку добро мириса, па затоа не е изненадувачки што неговите парфеми се толку популарни. Тој почнал да ги прави во 2000-тите и е многу горд на нив. „Се чини дека неговите обожаватели сакаат да мирисаат како него“, рече еден од неговите пријатели.
Парфемите и другите луксузни производи на Бекам ги управува „Seven Global LLP“, а неговиот бизнис ја вклучува и колекцијата „Eyewear by David Beckham“. Тој соработувал и со познати брендови како што се „Breitling“, „Armani“, „Gillette“ и „Biotherm Homme“.
Во финансискиот извештај се наведува дека неговиот глобален комерцијален и лиценцирачки бизнис постигнува значајни резултати и обезбедува долгорочен приход.
За разлика од бизнис империјата на Дејвид, модниот бренд на неговата сопруга Викторија Бекам неодамна оствари профит за прв пат по 18 години.


