Француската фудбалска легенда Мишел Платини го советуваше Килијан Мбапе да не ги изразува своите политички ставови кога го носи дресот на француската репрезентација или капитенската лента. Неговите коментари дојдоа во интервју за RTL во петокот.
Поранешниот плејмејкер на „петлите“ и шампион на Евро 1984 го бранеше напаѓачот на Реал Мадрид од бројните критики на кои беше подложен оваа сезона.
„Да, верувам дека луѓето се премногу груби со него. Килијан си ја врши работата совршено, ја разви својата игра, сега помалку комбинира, а повеќе e стрелец и голгетер. Тој е најдобар стрелец во Шпанија со Реал две години по ред. Ние сме многу строги со Килијан, но повеќе поради неговите позиции надвор од теренот отколку на него. Атмосферата околу него стана покомплицирана“, рече Платини.
Според поранешниот претседател на УЕФА, светскиот шампион од 2018 година треба да се воздржи од какви било политички коментари, особено кога игра за репрезентацијата. Во неодамнешно интервју за „Венити фер“, Мбапе го коментираше својот став пред парламентарните избори во 2024 година, повикувајќи на мобилизација против „екстремите“, осврнувајќи се на крајната десница во Франција.
Платини уверува дека го разбира Мбапе, но му советува да ги задржи своите ставови за себе, особено кога носи дресот на „петлите“. „Тој има право да заземе став кога не ја носи капитенската лента или дресот на француската репрезентација“, прецизира легендата. „Ако е во Мадрид или некаде на друго место, може да изрази политички ставови, но со лентата и дресот на Франција, играте за сите Французи. Тешко е да се заземе став.“
Трократниот освојувач на „Златната топка“ (1983, 1984, 1985) Платини ја разработува својата теза. „Напротив, тој може да заземе став. Добро е интелигентните луѓе да изразуваат мислење за јавни прашања. Фудбалерите не се нужно глупави, меѓу нив има и интелигентни.
Би му рекол дека, со оглед на ситуацијата, комуникацијата и социјалните мрежи, треба малку да се инспирира од она што го направија Зидан, Меси или Роналдо, кои тешко заземаат став за кое било прашање. Во моментот кога ќе заземе став, ќе се скараш со половина свет. Мора да бидеш внимателен и да се обидеш да зборуваш без да кажеш ништо. Спортистите се познати луѓе и кога заземаат став, се критикувани. Можеби треба да зборува помалку, освен ако не е подготвен да преземе одговорност за сè што ќе каже. А Килијан го прави тоа“, заклучи Платини.


