Карлос Тевез важеше за еден од најдобрите напаѓачи во Премиер лигата. Освои еден куп трофеи, постигна голови, но исто така често беше во центарот на скандали благодарение на неговата темпераментна природа и жешката аргентинска крв.
Тевез повторно зборуваше за најголемата контроверзност од сите. Секако, зборуваме за деталите од неговиот контроверзен трансфер од Манчестер Јунајтед во редовите на градските ривали Манчестер Сити во 2009 година.
Во емисијата „Рио Фердинанд претставува“, водена од неговиот поранешен соиграч, аргентинскиот напаѓач го објасни своето заминување со прекршеното ветување дадено од Алекс Фергусон – кој му гарантираше дека клубот ќе го откупи назад по позајмицата – и се потсети на гневот што го чувствувал кон својот поранешен соиграч Гари Невил.
„Тие разговараа со мене пред двегодишната позајмица: ако играм добро, ќе ми го откупат договорот по една година. Фергусон ми рече: Карлос, ќе ти го откупам договорот назад и ќе останеш во Манчестер, не грижи се. Тимот отиде на тренинг и добро се сеќавам на тој разговор со Фергусон. Тој рече: Ќе платам за Бербатов, но не грижи се, јас ќе се погрижам и за твојот договор“, изјави Аргентинецот.
Сепак, клубот од „Олд Трафорд“ не го направи тој потег, оставајќи го на позајмица втора сезона. Ова силно го погодило Аргентинецот, како што самиот не крие.
„Мислам дека Фергусон имаше шест месеци од тој разговор да го одржи зборот. И не го стори тоа. Напротив, почна да ме остава на клупата. Според мене, почна да ме турка настрана за да ја намали мојата пазарна вредност. И тоа најмногу ме повреди“, истакна Тевез.
Директниот трансфер во таборот на Сити предизвика огромни тензии, особено со Гери Невил, кој јавно и без двоумење го критикуваше напаѓачот. Рио Фердинанд, со кого ја делеше соблекувалната, се присети на атмосферата од последователните дербија: „Игравме против тебе… дали навистина сакаше да го убиеш Гари?“
Аргентинецот отворено призна дека „сакал да се тепа“ со англискиот бек:
„Гари рече дека сум го навредил Фергусон. Тој не ме разбра, воопшто не ја разбираше ситуацијата. Рафаел беше агресивен, но тоа беше на теренот. Гари Невил го правеше тоа преку медиумите. Беше тешко за мене, Рио. Тешко, бидејќи чувствував дека му го дадов срцето на Јунајтед, а не го добив истото за возврат. Ја освоивме Лигата на шампионите и титулата. Потоа, за да ми ја намалат цената, донесоа нов играч. Имав фантастично време во Манчестер. Одењето во друг тим, Сити, беше еден вид одмазда за мене, бидејќи не ми беше вратено тоа што го заслужував“.
Тевез ја заврши својата одмазда за време на прославите на титулата на Манчестер Сити, кога носеше транспарент на кој пишуваше „Почивај во мир, Ферги“. Некои би рекле дека било невкусно, но Аргентинецот има свое мислење и не се кае за тоа…


