Голема борба за преземање на власта во светскиот фудбал би можела да ги одбележи наредните месеци, бидејќи УЕФА интензивно работи на наоѓање кандидат кој би можел да го предизвика актуелниот претседател на ФИФА, Џани Инфантино, на изборите во март 2027 година.
Потпретседателката на УЕФА, Лаура Мекалистер, потврди дека европското фудбалско тело не се откажало од идејата да најде сериозен противник за Инфантино. Сепак, целта не е нужно да има човек од Европа на чело на ФИФА, туку личност која би можела да ја добие поддршката од другите конфедерации и да иницира промени во начинот на кој се управува со светскиот фудбал.
– Не мислам дека ја преценивме штетата што е нанесена на неговиот авторитет. Секогаш знаевме дека работите нема да се променат преку ноќ. Би било наивно да се очекува поинаку – рече Мекалистер.
Односите меѓу УЕФА и Инфантино се сериозно оштетени по контроверзниот план што вклучуваше влез на приватен капитал во комерцијалниот дел од работењето на ФИФА. Проектот на крајот беше повлечен по силните критики, додека неколку европски фудбалски асоцијации оттогаш ја повлекоа својата поддршка за актуелниот претседател на ФИФА.
Мекалистер нагласува дека потрагата по ривал не е обид на УЕФА едноставно да го постави својот човек на најважната позиција во светскиот фудбал.
„Не станува збор за поставување Европеец на чело на ФИФА. Станува збор за агенда за промени. Прво мора да дефинираме како изгледа доброто управување со светскиот фудбал“, објасни таа.
Инфантино претходно потврди дека ќе се обиде да освои нов мандат, додека нема официјално потврден кандидат-ривал. ФИФА има 211 земји-членки, па за секој што ќе одлучи да му се спротивстави, еден од клучните предизвици ќе биде да обезбеди поддршка далеку надвор од границите на европскиот фудбал.


