Селекторот на Шпанија, Луис де ла Фуенте, коментираше како неговиот тим може да се спротивстави на напаѓачката моќ на Франција во лицето на Килијан Мбапе, Мајкл Олисе и Усман Дембеле во претстојниот полуфинален натпревар на Светското првенство денес во 21:00 часот во Далас.
На прашањето дали е загрижен за францускиот напад и како планира да го запре, Де ла Фуенте одговори: „Ја проучувавме Франција многу, многу внимателно. Нашите тимови се познаваат добро. Тие имаат исклучителни играчи, но и ние. Клучот на натпреварот ќе биде да се обидеме да им го наметнеме нашиот стил“, рече Де ла Фуенте.
„Кој и да е поурамнотежен во сите аспекти, ќе биде поблиску до победата. Внимателно ќе ги следиме сите споменати играчи, ќе си помагаме едни на други и ќе го наметнуваме нашиот стил“, додаде шпанскиот селектор.
„Критиките кон Мбапе? Не гледам поента во тоа. Мислам дека Мбапе е брилијантен играч, исто како и оние што ги имаме. Сакам да гледам играчи со исклучителни квалитети, а Килијан е токму тоа“, нагласи Де Ла Фуенте.
„Не е важно кој е фаворит на хартија. Ќе се сретнат два одлични тима, исто како и во другото полуфинале“, рече шпанскиот тренер.
„Им реков на играчите да уживаат во натпреварот и да играат како тим кој е свесен за своите можности. Сакам да бидеме сигурни во нашите силни страни, но и да не ја потценуваме класата на нашиот противник. Секако веруваме дека можеме да стигнеме до финалето“, додаде Де Ла Фуенте.


